БРОЈОТ 112 Е ЗА ИТНИ СЛУЧАИ, НЕ СЕ ЈАВУВАЈТЕ ЗА МУАБЕТ! Линијата треба да биде слободна за оние на кои итно им треба помош
Во изминатиот период Центарот регистрирал голем број повици кон 112 кои немаат итен карактер. Станува збор за повици поврзани со секојдневни проблеми, меѓучовечки недоразбирања, барање информации, административни прашања и други ситуации во кои не постои непосредна опасност и не е потребна итна реакција на надлежните служби.
Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните бројот 112 да се користи одговорно и исклучиво во ситуации кога е потребна итна и неодложна интервенција.
Во изминатиот период Центарот регистрирал голем број повици кон 112 кои немаат итен карактер. Станува збор за повици поврзани со секојдневни проблеми, меѓучовечки недоразбирања, барање информации, административни прашања и други ситуации во кои не постои непосредна опасност и не е потребна итна реакција на надлежните служби.
– Важно е да се знае дека секој неитен повик го зафаќа времето на операторот и капацитетот на линиите. Во истиот момент, на помош може да чека лице чиј живот или здравје е загрозен, жртва на насилство, учесник во тешка сообраќајна несреќа или граѓанин соочен со друга реална опасност – велат од Центарот.
Кога треба да се јавите на 112?
– На 112 јавете се кога постои непосредна опасност по животот, здравјето, безбедноста, имотот или животната средина и кога е потребна итна интервенција на Полицијата, Итната медицинска помош, противпожарните или другите надлежни служби. Доколку ситуацијата не бара итна реакција, обратете се до институцијата или службата надлежна за конкретниот проблем преку нејзините редовни контакт-канали – велат од Центарот.
Оттаму апелираат и до институциите, јавните претпријатија, компаниите и единиците на локалната самоуправа да не го посочуваат 112 како општ контакт-број за прибирање информации, административни пријави, евидентирање материјална штета и други потреби кои немаат итен карактер.
– 112 не е информативен број! 112 не е број за секојдневни проблеми! 112 е број за итни случаи. Чувајте ја линијата слободна за оние на кои секоја секунда им е важна! – апелираат од Центарот за управување со кризи.