СУДОТ ОДЛУЧИ СИНОТ НА ХАЛИ БЕРИ ДА ЖИВЕЕ СО ТАТКОТО Актерката привремено ја загуби примарната грижа за детето, забрането е да преспива кај неа

По речиси две недели судски расправи во Лос Анџелес, судијата одлучи момчето привремено да живее претежно со татко му, додека барањето на актерката за враќање на заедничкото старателство во сооднос 50:50 беше одбиено. Судот најавил дека прашањето за старателството повторно ќе го разгледува во ноември.

65

Холивудската актерка Хали Бери доживеа тежок удар во долгогодишната битка за старателството над 13-годишниот син Мацео, кого го има со поранешниот сопруг, францускиот актер Оливие Мартинез. По речиси две недели судски расправи во Лос Анџелес, судијата одлучи момчето привремено да живее претежно со татко му, додека барањето на актерката за враќање на заедничкото старателство во сооднос 50:50 беше одбиено.

Одлуката значи дека Бери повеќе нема да може да има ноќевања со синот, туку ќе го гледа во однапред определени термини. Сепак, таа не ги загуби сите родителски права – двајцата родители и понатаму заеднички одлучуваат за важните прашања поврзани со образованието и здравствената грижа на Мацео. Судот најавил дека прашањето за старателството повторно ќе го разгледува во ноември.






Судскиот спор ескалираше откако Мартинез ја обвини поранешната сопруга дека физички го нападнала нивниот син за време на расправија во нејзиниот дом на 26 септември. Според неговите тврдења, актерката го фатила момчето за вратот и го давела за време на конфликт поврзан со играње видеоигри со виртуелна реалност. Мартинез побарал исклучиво старателство и судска забрана за приближување, но Бери категорично ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека никогаш не го повредила своето дете.

За време на постапката, судот му дозволил на Мацео да сведочи зад затворени врати, без присуство на родителите во судницата. Бери се противела на неговото сведочење, тврдејќи дека поранешниот сопруг влијае врз момчето и го подготвува што да каже. Мартинез, пак, инсистирал дека синот сака самиот да му ја раскаже на судијата својата страна од приказната.

Иако Мартинез доби значајна одлука во врска со физичкото старателство, судијата ја укина привремената забрана за семејно насилство што претходно беше издадена против Бери и го одби барањето таа да стане трајна. Адвокатот на Мартинез одлуката за старателството ја нарече голема победа, додека правниот тим на актерката изрази задоволство поради укинувањето на забраната и порача дека таа останува посветена на благосостојбата на своето семејство.

Хали Бери и Оливие Мартинез се запознаа во 2010 година за време на снимањето на филмот „Dark Tide“, а се венчаа во јули 2013 година. Истата година го добија синот Мацео. Се разделија во 2015 година, а нивниот развод беше окончан дури во 2023 година, по долгогодишни несогласувања. Досега ја делеа грижата за синот, но нивните односи повторно се влошија по последните обвинувања и судски поднесоци.

Ова не е првпат нивната приватна битка да се најде во центарот на вниманието. Во текот на постапката двајцата изнесоа сериозни меѓусебни обвинувања за начинот на кој се грижат за Мацео, неговото здравје и воспитување. Новата одлука засега е привремена, а следното судско разгледување во ноември ќе покаже дали момчето и понатаму ќе живее претежно со татко му.

Поврзани содржини