РУСИЈА ПРЕСРЕТНАЛА 1.214 УКРАИНСКИ ДРОНОВИ Стотици беспилотни летала биле упатени кон Москва
Поради нападите, привремено биле прекинати полетувањата и слетувањата на аеродромите Внуково, Домодедово и Жуковски.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта меѓу средата и четвртокот биле пресретнати и уништени 1.214 украински дронови над руска територија, во еден од најголемите вакви напади од почетокот на војната.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека од 20:30 часот во средата до 7 часот во четвртокот кон московскиот регион летале 613 дронови. Според него, 231 беспилотно летало било уништено на приодите кон престолнината, додека повеќето од останатите биле неутрализирани на поголема оддалеченост.
Поради нападите, привремено биле прекинати полетувањата и слетувањата на аеродромите Внуково, Домодедово и Жуковски. Ограничувањата биле укинати во 6:45 часот по московско време. Според руски медиумски извештаи, два авиона што летале од Истанбул кон Москва се вратиле во Турција поради прекинот на воздушниот сообраќај.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека дронови биле пресретнати над 16 руски области. Во градот Стерлитамак, во Башкортостан, биле пресретнати осум дронови. Градоначалникот Емил Шајмарданов изјави дека остатоци од беспилотните летала паднале во кругот на индустриски објект и предизвикале помала материјална штета, но дека производството продолжило нормално.
Украински мониторинг-канали објавија снимки од чад во близина на „Башкирската сода компанија“, еден од големите хемиски комплекси во Русија. Според украински медиумски извештаи, фабриката произведува хемиско соединение што се користи во производството на арамидни материјали за панцири, шлемови и заштитни делови за воена опрема. Засега нема независна потврда дека фабриката била погодена.
Во истата ноќ, руските сили нападнале и украински цели. Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, соопшти дека во руски напад била оштетена образовна установа. Украинските власти пријавиле и напад во Ривненската област, во кој загинал еден маж.