ХАКИРАНИ БАЗИТЕ НА АМЕРИКАНСКОТО МИНИСТЕРСТВО ЗА ВНАТРЕШНА БЕЗБЕДНОСТ Објавени податоци за 6.598 агенти за имиграција, меѓу нив и тајни агенти
Хакерската група „Дистрибјутед Денајал оф Сикретс“ соопшти дека објавувањето е протест против Министерството за внатрешна безбедност и неговите операции за депортација.
Хакерска група тврди дека го хакирала американското Министерство за внатрешна безбедност (ДХС) и објавила база на податоци со имиња и службени контакти на повеќе од 40 илјади вработени во институцијата, објави „Ен-Би-Си“.
Податоците ги објавила непрофитната организација „Дистрибјутед Денајал оф Сикретс“ (DDoSecrets), наведувајќи дека ги добила од хакерска група што се нарекува „Министерство за мир“, составена од активисти кои се противат на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Меѓу објавените информации има податоци за 6.598 вработени во Службата за имиграција и царина (ИЦЕ), вклучително и за неколку агенти за кои се наведува дека работат на тајни задачи.
Анализата на „Ен-Би-Си“ покажала дека базата содржи службени адреси на електронска пошта, телефонски броеви, локации и работни позиции. Спроведеното новинарско истражување потврдило дека дел од податоците се точни.
Иако не биле пронајдени приватни податоци, објавувањето на идентитетите на вработените би можело да ја загрози нивната безбедност.
Хакерската група и организацијата „Дистрибјутед Денајал оф Сикретс“ соопштиле дека објавувањето е протест против Министерството за внатрешна безбедност и неговите операции за депортација.
Министерството не одговорило на барањето за коментар. Според „Ен-Би-Си“, администрацијата на Трамп во последните месеци била цел на повеќе хакерски напади.