„СВ. ЕРАЗМО“ ДО НОВА ГОДИНА СО ЧЕТИРИ ОПЕРАЦИОНИ САЛИ Инвестицијата во новото крило ќе надмине два милиони евра

Новото крило на Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид треба да биде ставено во функција до Нова година, а инвестицијата за неговото завршување и опремување ќе надмине два милиони евра.

44

Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид до Нова година треба да го стави во употреба новото крило, со што ќе добие четири современи операциони сали, најави денеска министерот за здравство Сашо Клековски.

Клековски информираше дека по повеќе од една година работа со раководството на болницата е затворена финансиската конструкција за завршување на новото крило, инвестиција што ќе надмине два милиони евра. Средствата, како што наведе, ќе бидат обезбедени од повеќе извори, меѓу кои Фондот за здравствено осигурување, буџетот на болницата, други државни институции и донации од општествено одговорни компании.






– Избран е добавувач кој треба да ги заврши градежните работи, а постапките за набавка на опрема дел се во тек, дел ќе бидат обновени. Јас би ставил рок до Нова година, фактички цела нова болница, да биде ставена во употреба – рече Клековски.

Тој посочи дека од сегашниот капацитет од околу една и пол операциона сала, „Св. Еразмо“ ќе добие четири современи операциони сали.

– Со тоа ќе биде завршена оваа голгота која е започната многу одамна, дел од вас и деца биле, претпоставувам, кога сето ова започнало – рече Клековски, ветувајќи дополнителни активности за подигнување на стандардите во здравството и воведување нови и современи процедури.

Клековски оцени дека Охридско-струшкиот регион во повеќе области обезбедува здравствени услуги на високо ниво, притоа како пример посочувајќи ја болницата „Св. Еразмо“.

Охрид, Клековски

– За само две години постигнато е 40 проценти зголемување на бројот на интервенции на колкови, а „Св. Еразмо“ е веќе во кругот на трите најзначајни установи каде што се вршат вакви интервенции, заедно со Клиничкиот центар во Скопје и болницата „Осми Септември“ – рече Клековски.

Тој посебно го истакна почетокот на интервенциите на колено, посочувајќи дека во оваа област има потреба од зголемување на бројот на интервенции.

Директорот на Специјалната болница „Св. Еразмо“, Хари Шокаровски, посочи дека станува збор за уште еден голем инвестициски циклус за завршување на долгогодишниот проект и ставање во функција на новите операциони сали и останатите болнички простории.

Тој нагласи дека со новата опрема и подобрените услови значително ќе се унапредат болничкиот стандард, условите за работа и лекувањето на пациентите.

– Ќе се потрудиме да станеме една, можеби, најрепрезентативна институција од областа на ортопедијата и неврохирургијата. Со поддршка на Владата сакаме да станеме референтен центар во ортопедијата и неврохирургијата, рече Шокаровски.

Тој изрази оптимизам дека сите предвидени активности ќе бидат завршени во посочениот рок и оти „Св. Еразмо“ ќе биде современ здравствен објект што ќе ги задоволува потребите на пациентите од земјата, но и од поширокиот регион.

Поврзани содржини