СКОПЈЕ ЌЕ ГО ЗАСИЛУВА ФИЛМСКИОТ ФРОНТ Ново партнерство пред Европската престолнина на културата 2028
Градот и „Скопје Филм Студио“ најавуваат европски филмски програми, меѓународни партнерства и активности за младата публика во пресрет на „Скопје 2028“.
Град Скопје воспоставува ново партнерство со „Скопје Филм Студио“ за развој на филмската уметност и за збогатување на културната понуда во градот.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, заедно со управителот на „Скопје Филм Студио“ и организатор на Скопскиот филмски фестивал, Томи Салковски, потпишале Меморандум за соработка со кој, како што објави Ѓорѓиевски, се воспоставува долгорочно партнерство.
Според градоначалникот, целта е соработката да придонесе за развој на филмската уметност, збогатување на културната понуда и поголема меѓународна афирмација на Скопје.
– Нашиот град има силна филмска традиција, талентирани автори и публика која заслужува квалитетна и достапна култура – вели Ѓорѓиевски.
Во рамки на партнерството се предвидува поддршка на понатамошниот развој на Скопскиот филмски фестивал и негово посилно позиционирање на регионалната и европската културна сцена.
Европски филмски програми и можности за младите
Како дел од соработката се најавуваат европски филмски програми, меѓународни партнерства и активности наменети за младата публика.
Целта, според објавата на Ѓорѓиевски, е да се создадат нови можности за филмските автори, но и да се овозможи македонската кинематографија да биде посилно претставена пред европската публика.
Соработката доаѓа во период кога Скопје се подготвува за 2028 година, кога градот ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата.
Официјалната програма „Скопје 2028“ како една од своите цели ги наведува европската соработка, поддршката на културните и креативните проекти, развојот на нова публика и зголемувањето на меѓународната видливост на Скопје.
Од „Скопје 2028“ воедно нагласуваат дека титулата треба да остави долгорочно културно наследство и да придонесе кон развојот на градот и по 2028 година.
– Скопје има приказни што заслужуваат да го обиколат светот и таленти што заслужуваат поддршка. Наша обврска е да им овозможиме простор да создаваат и да успеваат – порача Ѓорѓиевски.
Со новото партнерство, Град Скопје и „Скопје Филм Студио“ најавуваат продолжување на соработката во насока на поголема филмска понуда, меѓународна размена и отворање нови можности за авторите и публиката во пресрет на 2028 година.