ДОЛИ ПАРТОН ТАЈНО СЕ ЛЕКУВАЛА ВО ГЕРМАНИЈА Пејачката верувала дека новиот експериментален третман за рак ѝ помогнал
Доли Партон тајно патувала во Германија на експериментален третман за рак. Во Франкфурт останала околу една недела, открива ТМЗ.
Доли Партон тајно отпатувала во Германија за експериментален третман против рак, околу една година пред нејзината смрт, објави ТМЗ, повикувајќи се на извори запознаени со нејзината состојба.
Според информациите, музичката ѕвезда во Франкфурт пристигнала со приватен авион, каде што требало да биде подложена на третман чијашто точна природа засега не е позната. Во Германија наводно останала околу една недела, а потоа се вратила дома.
Извори за ТМЗ велат дека Доли верувала оти третманот ѝ помогнал да си ја врати силата и сметала дека бил ефикасен. Не е наведено за каков вид рак станувало збор, ниту пак каква точно терапија примила.
Новите информации се вклопуваат во она што подоцна беше откриено за нејзиното здравје. Партон почина на 25 август годинава, на 80-годишна возраст, по кратка битка со рак, а нејзините претставници потврдија дека последните денови ги поминала во болницата „Вандербилт-Инграм“ во Нешвил, опкружена со најблиските.
Во месеците пред смртта, Партон јавно зборуваше само за дел од здравствените проблеми. Во мај ја откажа планираната серија концерти во Лас Вегас, објаснувајќи дека имала проблеми со имунолошкиот и дигестивниот систем и дека лековите и третманите ѝ предизвикувале вртоглавица.
Само неколку дена пред смртта, таа за „Пипл“ изјави дека минува низ „тешки моменти со здравјето“ и призна дека некои здравствени проблеми ги занемарила додека се грижела за својот сопруг Карл Дин, кој почина во март 2025 година.
Нејзината сестра Стела Партон претходно откри дека Доли намерно ја чувала во тајност болеста и за неа знаел само потесен круг луѓе, бидејќи не сакала семејството и јавноста да се грижат за неа. Таа исто така кажа дека Доли била подготвена да се подложи и на експериментални лекови доколку лекарите проценат дека повеќе нема надеж за нејзино закрепнување, со цел нејзиниот случај да им помогне на идни пациенти.