ИЗБЕРЕТЕ ЈА ПРОМЕНАТА Гласајте до 27 септември за еден од трите проекти во „Иднина која инспирира“

0

Промената не мора да остане само добра идеја. До 27 септември 2026 година, граѓаните можат директно да се вклучат во платформата „Иднина која инспирира“ и да изберат кој од трите проекти ќе добие дополнителна поддршка од dm drogerie markt. Со својот глас, секој граѓанин може да застане зад идејата што најмногу ја препознава како важна за заедницата – почиста животна средина, позелен и пофункционален јавен простор или нови места за учење, развој и поврзување. Токму затоа, гласањето не е само формален избор меѓу три иницијативи, туку можност граѓаните активно да придонесат во тоа која идеја ќе добие дополнителен поттик за реализација. Не чекајте промената да се случи сама – изберете ја идејата во која верувате и гласајте до 27 септември на следниот линк.

Проектот „Силата е во младите“ на Здружението за екологија, еколошка едукација и еколошка обединетост „За почиста Македонија“ е насочен кон активно вклучување на децата и младите во грижата за животната средина. Преку еколошки чистки во скопските населби, работилници, дискусии и видеосодржини, проектот има цел да ја подигне свеста за зачувувањето на чистата животна средина и да ги поттикне младите самите да станат носители на позитивни промени.






Со „Природа што нè поврзува“, Центарот за регионален одржлив развој од Неготино планира запуштен и неискористен простор да го преобрази во чисто, зелено и функционално место за одмор, рекреација и дружење. Преку волонтерски акции ќе се расчистува и уредува локацијата, ќе се садат дрвја и растенија, ќе се поставуваат клупи и други практични елементи, а предвидени се и едукативни и креативни активности што треба да придонесат просторот да прерасне во трајно зелено катче за локалната заедница.

Третиот проект, „Простор за раст – функционален центар создаден од граѓаните“ на Здружението за едукација, развој, јакнење и вмрежување „ЕДЕН ХАБ“ од Прилеп, предвидува мапирање, уредување и активирање недоволно искористени простори во Прилеп, Кривогаштани и неколку општини на територијата на Град Скопје. Преку заеднички волонтерски акции, тие треба да прераснат во достапни центри за учење, креативност, развој на практични вештини, ментална благосостојба, активно граѓанство и меѓусебна поддршка.

Гласањето е дел од пошироката иницијатива „Иднина која инспирира“, во рамките на која годинава беа пријавени вкупно 74 проекти. По стручното оценување, пет иницијативи веќе добија финансиска поддршка од dm во вкупна вредност од 2,9 милиони денари. Во стручното жири учествуваа Гоце Калинов од „Ретвитни оброк“, Далиборка Златева, претседател на „Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес“, Ико Брдаровски, менаџер за грижа на корисници во „Пакомак“, како и тројца претставници на dm.

Меѓу петте избрани проекти се „Охрид Еко 2027“ на Нуркачкиот центар „Амфора“, насочен кон подводни акции за отстранување отпад од Охридското Езеро; „Херои на солидарноста: Тегла Плус за нашата заедница“ на Здружението „Љубезност“, со фокус на поддршка на ранливите категории граѓани; „Поддршка блиску до тебе – Заедно до правата“ на Македонското здружение на млади правници; „Заедно сме шампиони – инклузија преку спорт“ на Специјална Олимпијада – Македонија; како и „DM HUB – Центар за благосостојба и грижа ‘Грижа за себе. Грижа за другите. Грижа за заедницата.’“ на Центарот за истражувања и анализи НОВУС.

Преку „Иднина која инспирира“, dm продолжува да ги поддржува идеите што можат да создадат конкретна и долгорочна вредност за заедницата, а со гласањето им дава можност и на граѓаните активно да учествуваат во изборот на промената што сакаат да ја видат околу себе.

Поврзани содржини