РЕГИОНАЛНА НАГРАДА ЗА МАКЕДОНСКИ ПАМЕТЕН СИСТЕМ Идејата Динг е меѓу најдобрите зелени бизнис идеи од Балканот

ДИНГ е паметен систем кој со помош на сензори и вештачка интелигенција овозможува постојан мониторинг, рано откривање на потенцијални проблеми и автоматизација на процесите.

142

Во периодот од 3 до 5 ноември, Призрен беше домаќин на 15-тото јубилејно издание на регионалниот натпревар „Зелени бизнис идеи од Балканот 2026“ (Balkan Green Ideas). Оваа традиционална платформа ги обединува и поддржува иновативните претприемачи од шесте земји од Западен Балкан, ставајќи го фокусот врз заштитата на животната средина, циркуларната економија, обновливите извори и одржливиот развој. Најдобрите зелени идеи беа наградени со грантови во износ од 5.000 и 10.000 долари.

Меѓу овогодинешните регионални победници се издвоија три инспиративни иницијативи од регионот:






ding.mk (Македонија) — паметен систем кој им помага на компаниите да заштедат енергија, да спречат дефекти на машините и поефикасно да ги дигитализираат своите производствени процеси.

Teshat.com (Косово) — платформа за циркуларна мода која собира облека, ја поправа, ја преработува и ја враќа во повторна употреба.

Laneno (Босна и Херцеговина) — премиум бренд за луксузни постелнини кој спојува врвен комфор и принципи на циркуларна економија преку полнење од рециклиран текстил.

Македонскиот тим ding.mk донесе голема радост и ново регионално признание за нашата земја. По повод овој регионален успех, победникот Благојче Количовски изјави:

– Искрено сме среќни и горди што нашата идеја ДИНГ е препознаена и наградена на Balkan Green Ideas 2026. Ова признание за нас претставува огромна мотивација и потврда дека технологијата и иновациите можат да имаат позитивно влијание врз животната средина и начинот на кој работат бизнисите. ДИНГ е паметен систем кој со помош на сензори и вештачка интелигенција овозможува постојан мониторинг, рано откривање на потенцијални проблеми и автоматизација на процесите. Нашата цел е да им помогнеме на компаниите да ја намалат потрошувачката на енергија, да спречат непотребни загуби и поефикасно да ги користат постојните ресурси и опрема.

По завршувањето на натпреварот, Катерина Панова Матоска, од АРНО рече дека се среќни и горди на успехот на ding.mk и на сите наши претставници во Призрен.

– Гледајќи ги сите иновативни идеи од регионот – од системи за селекција и давање втор живот на електронски отпад, па до рурален туризам, паметни соларни сензори за почва и земјоделски ровери – уште еднаш се потврди колку креативна енергија има во регионот. АРНО го следи овој натпревар и за да види што се случува во екосистемот, а преку проектот „Инвестираме во промени“ свесно се насочува кон развој на импакт-претпријатија. Токму затоа, оваа година за прв пат воведовме нов стандард за националните финалисти – задолжителен слајд со јасни, мерливи импакт-индикатори. Неизмерно сме среќни што нашите претприемачи одлично одговорија на овој предизвик и докажаа дека создаваат видливи и одржливи промени.

Покрај победничкиот успех на ding.mk, Македонија на регионалниот натпревар имаше одлична презентација и со остатите две национални победнички решенија: Коста Богучевски со идејата „Урбана фарма“ за вертикално одгледување микрозеленчуци, како и Благојче Најдовски („Медотека Најдовски“) со иновативниот производ „Premium Protein from Waste“ – протеинска лимонада од нуспроизводи од ореви.

Здружението АРНО го администрира натпреварот 12 години. Досега, преку натпреварот, се поддржани македонските зелени бизниси: „Наша добра земја“, „СПИН“, „Храна за сите“, „Еко-магионичар Кристиан Шопов“, „Био смарт ориз“, „Challenger“, „Вајс адитив“, „О-круг“, „Инсект пилот соба“, Мирјана Јосифоска, MobiStove, LoaNaturals и овогодишниот победник ding.mk.

 

Поврзани содржини