РАСЕЛ БРЕНД ПРОГЛАСЕН ЗА ВИНОВЕН ЗА СИЛУВАЊЕ И СЕКСУАЛНИ НАПАДИ Поранешниот на Кети Пери го чека затвор и доживотна регистрација како сексуален престапник
Британскиот комичар и актер е прогласен за виновен за силување обожавателка и за сексуални напади врз три жени. Казната ќе му биде изречена на 9 ноември, а поротата го ослободи од три други обвиненија.
Британскиот комичар, актер и поранешен телевизиски водител Расел Бренд (51) денеска, 5 ноември, е прогласен за виновен за силување на една обожавателка и за сексуални напади врз три жени. Му се заканува повеќегодишна затворска казна, а неговото име доживотно ќе остане во регистарот на сексуални престапници.
Поротата истовремено го ослободила од уште две обвиненија за силување и од едно обвинение за обид за непристоен напад.
Пресудата за висината на казната ќе биде изречена на 9 ноември.
Бренд, кој некогаш беше меѓу најпознатите британски стендап-комичари, телевизиски и радиоводители, а подоцна изгради и холивудска кариера, бил обвинет дека ја користел својата слава за сексуално да злоупотребува жени.
Шест жени сведочеле против него. Дел од нив изјавиле дека ги принудувал на сексуални активности непосредно по запознавањето, понекогаш само неколку секунди по првата средба.
Според сведочењата, Бренд ја користел својата популарност за да ја оствари сопствената цел да има сексуални односи со 5.000 жени.
Ниту еден од неговите познати пријатели или поранешни колеги од забавната индустрија не сведочел во негова одбрана.
Обвинувањата против Бренд првпат беа објавени во септември 2023 година, во заедничка новинарска истрага на „Сандеј тајмс“, „Тајмс“ и емисијата „Диспечес“ на британскиот „Ченел 4“.
Неколку жени тогаш го обвинија за силување, сексуална злоупотреба и понижување. По објавувањето на истрагата се јавиле уште четири жени со обвинувања, а по покренувањето на обвинението уште две пријавиле сексуална злоупотреба.
Бренд беше во брак со американската поп-ѕвезда Кети Пери, а сега е оженет со Лора Галахер, ќерка на познатиот голфер Бернард Галахер, победник на Рајдер купот.