250.000 ЛУЃЕ НА УЛИЦИТЕ ВО ФРАНЦИЈА, ЗАТВОРЕНА АЈФЕЛОВАТА КУЛА Жестоки судири со полицијата во Лион

Еден од најпознатите симболи на Франција, Ајфеловата кула, беше затворен за јавноста во четвртокот поради националниот штрајк, според известувањето објавено на официјалната интернет-страница на споменикот.

2

Масовните протести и штрајкови зафатија 73 градови во Франција, а демонстрантите бараат подобри јавни услуги и мерки против високите трошоци за живот. Полицијата интервенираше во повеќе градови, додека прекините во јавните услуги го погодија и Париз.

Повеќе од 250.000 луѓе излегоа на улиците во 73 градови низ Франција, според податоците на синдикатот ЦГТ, во нов бран масовни протести и штрајкови што доведе до судири со полицијата, блокади на училишта и прекини во железничкиот сообраќај. Поради националниот штрајк, за посетителите беше затворена и Ајфеловата кула во Париз.






Најжестоките судири беа забележани во Лион, каде што полицијата за разбивање демонстрации употреби солзавец против група демонстранти. Дел од учесниците беа облечени во црно, со покриени лица, и извикуваа пароли против полицијата.

Протестите, организирани од синдикатите со поддршка на студентски организации, се насочени против високите трошоци за живот, состојбата во јавните услуги и реформите во образованието.

– Ништо нема да нè запре. Единственото нешто што ќе ја заврши мобилизацијата е одговор на нашите барања – изјави лидерката на синдикатот ЦГТ, Софи Бине, пред почетокот на маршот во Париз, пренесе Франс 24.

– Колку подолго чекате, толку повисока ќе биде цената – ја предупреди таа владата.

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека инциденти имало и во близина на средни училишта во Рен, Тулуз, Бордо, Стразбур и Париз.

 

Според Министерството, демонстранти користеле пиротехнички средства, палеле пожари, го попречувале сообраќајот и фрлале предмети кон полицијата.

– Протестирањето е право, но загрозувањето на другите и уништувањето на имотот не може да се толерира – порача Министерството преку платформата Икс.

Новите протести претставуваат дополнителен притисок врз францускиот претседател Емануел Макрон, по неколкунеделните демонстрации против економските и социјалните политики.

Еден од најпознатите симболи на Франција, Ајфеловата кула, беше затворен за јавноста во четвртокот поради националниот штрајк, според известувањето објавено на официјалната интернет-страница на споменикот.

Штрајковите предизвикаа прекини и во железничкиот сообраќај и во работата на училиштата.

Ученичките и студентските протести дополнително ја засилија мобилизацијата. Во текот на неделата беа блокирани десетици средни училишта и универзитети, додека синдикатите го прошируваа протестното движење.

Националниот штрајк следува по 3 последователни викенди на масовни демонстрации против поскапувањата и состојбата во јавните услуги.

Поврзани содржини