МАКРОН ГИ НАРЕЧЕ СОСТАНОЦИТЕ СО ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ „ДЕПРЕСИВНИ“ Му недостигаат Меркел и Марио Драги
Во книга на француската новинарка Франсоаз Дегоа се објавени делови од нејзината двегодишна преписка со Макрон преку „Telegram“ – од неговата одбрана на предвремените избори до категоричното одбивање да поднесе оставка.
Францускиот претседател Емануел Макрон оценил дека состаноците со европските лидери се „депресивни и целосно лишени од креативност“, истакнувајќи дека многу му недостигаат поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и некогашниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги.
Овие ставови се објавени во книгата „Сите сте премногу строги кон мене“ на француската новинарка Франсоаз Дегоа, која содржи делови од нејзината приватна преписка со францускиот претседател преку апликацијата Телеграм во изминатите две години.
Според објавените пораки, Макрон ја бранел одлуката за распишување предвремени парламентарни избори во јуни 2024 година, наведувајќи дека сакал партијата „Национален собир“ на Марин Ле Пен да ја затекне неподготвена за изборите.
– Тие беа подготвени за есен, но не и за јуни. Тоа е една од причините поради кои ја донесов таа одлука – напишал Макрон.
И покрај тоа што распуштањето на парламентот доведе до политичка нестабилност и губење на поддршката за неговата политичка опција, францускиот претседател ја отфрлил оценката на новинарката дека тој потег бил целосен неуспех.
Во преписката го критикувал и поранешниот премиер Габриел Атал, оценувајќи дека му била дадена преголема политичка поддршка.
– Премногу му дадовме. Постојано. Премногу – напишал Макрон, коментирајќи ги политичките амбиции на Атал.
На прашањето дали би поднел оставка поради политичката криза во Франција, Макрон одговорил категорично:
– Оставка? Никогаш! Од која било причина! Немам намера да дезертирам. Продолжувам понатаму – порачал францускиот претседател.
Тој изразил и уверување дека кандидатката на крајната десница, Марин Ле Пен, нема да успее да ги прикрие своите, како што ги нарекол, проруските ставови и наклонетоста кон движењето „MAGA“ на американскиот претседател Доналд Трамп.
Спротивно на тоа, пофално зборувал за лидерот на Социјалистичката партија, Оливие Фор, опишувајќи го како човек со чувство за државата и одговорност.
Во преписката ја бранел и пензиската реформа, оценувајќи дека нејзиното суспендирање би било голема грешка за Франција.
– Ако ја суспендираме реформата, можам да ви кажам дека со тоа ќе ја доведеме земјата во сериозни проблеми – напишал Макрон, иако владата на премиерот Себастијан Лекорни подоцна го прифатила барањето на социјалистите за суспендирање на реформата.
Макрон ги отфрлил и шпекулациите дека по заминувањето од Елисејската палата би можел да работи за францускиот милијардер Ксавие Нил.
– Нема да работам за никого. Ако се занимавам со бизнис, тоа ќе биде мој бизнис, веројатно надвор од Франција – навел Макрон.
Елисејската палата дознала за објавувањето на книгата само неколку дена пред нејзиното излегување, објави француска телевизија. Близок соработник на францускиот претседател го критикувал објавувањето на приватната преписка, доведувајќи го во прашање начинот на кој се претставени разговорите.
Францускиот претседател, кому Уставот не му дозволува да се кандидира за трет последователен мандат, во преписка со Дегоа во јуни 2026 година се пожалил и на критиките за неговиот политички учинок.
– Често вие и вашите истомисленици сте премногу строги кон мене – напишал Макрон.
Книгата на Дегоа, поранешна советничка на социјалистичката политичарка Сеголен Ројал и некогашна новинарка на радиото „France Inter“, ќе биде објавена денеска, без претходна согласност од францускиот претседател.
Разговорите се воделе преку апликацијата Телеграм, откако Макрон во летото 2024 година прв стапил во контакт со новинарката за да ѝ се заблагодари за јавната поддршка на неговата сопруга Брижит, која била мета на теории на заговор на социјалните мрежи.