УАПСЕН ДИРЕКТОРОТ НА ХИДРОМЕТЕОРОЛОШКИ ЗАВОД НА СРБИЈА Се товари за перење пари
Директорот Југослав Н. и двајца соработници се осомничени за прикривање незаконски стекнат имот од најмалку 650.000 евра, купувал недвижности во Белград, Ужице и Црна Гора, но не го пријавувал купениот имот.
Вишиот суд во Белград му одреди притвор до 30 дена на директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ), Југослав Н. (71), осомничен дека заедно со Олга Н. (71) и Ѓорѓе Н. (45) од ноември 2019 година до ноември 2024 година во Белград, Чачак, Ужице, Бајина Башта и Црна Гора извршиле пренос и конверзија на имот од најмалку 650.000 евра, со знаење дека истиот потекнува од криминална дејност, а со намера да го прикријат неговото незаконско потекло.
На Југослав Н. притворот му е одреден за да не влијае врз сведоците и за да не го повтори кривичното дело. На Олга Н. ѝ е одредена мерка забрана за напуштање на станот со примена на електронски надзор, а на Ѓорѓе Н. му е укинат притворот, па тој може да се брани од слобода.
Сите осомничени се товарат за кривичното дело перење пари, а на Југослав Н. и кривичното дело непријавување имот и приходи или давање лажни податоци за имотот и приходите од член 101 од Законот за спречување на корупцијата.
Според пријавата, постои сомневање дека Југослав Н. во наведениот период извршил готовински уплати на пари за кои нема потекло во приходите, во вкупен износ од 41.878.195,00 динари, 43.150,00 евра и 44.760,00 швајцарски франци на свои сметки отворени во една банка, и купувал недвижности во Белград, Ужице и Црна Гора.
Притоа, во однос на наведеното зголемување на својот имот, тој не поднесувал извештаи за битни промени во имотната состојба до Агенцијата за спречување на корупцијата како јавен функционер – директор на РХМЗ, што бил должен да го прави во согласност со член 69 од Законот за спречување на корупцијата.