МАКЕДОНИЈА ГО БАРАЛА, ГРЦИЈА ГО УАПСИЛА Приведен 43-годишник при контрола во Солун
Грчката полиција го уапсила 43-годишниот странски државјанин во центарот на Солун. По него била распишана меѓународна потерница од Интерпол – Македонија, а се очекува да започне постапка за екстрадиција.
Четириесет и тригодишен маж бил уапсен синоќа во центарот на Солун, откако грчката полиција утврдила дека по него е распишана меѓународна потерница од Интерпол на барање на македонските власти поради сомнение за тешка кражба.
Според информациите од грчката полиција, мажот бил лишен од слобода од полициски службеници на Одделението за сузбивање и расчистување кривични дела, во рамките на редовните контроли и патроли во градот.
Станува збор за странски државјанин, баран со меѓународна потерница распишана од Интерпол – Македонија, поради кривично дело тешка кражба, согласно одредбите од македонскиот Кривичен законик.
Апсењето било дел од пошироките полициски активности во Солун, насочени кон спречување и сузбивање на криминалот, како и откривање и расчистување кривични дела. Во текот на акцијата биле приведени повеќе лица, меѓу кои и 43-годишникот баран од македонските власти.
Се очекува уапсениот да биде изведен пред надлежните грчки органи, по што треба да започне постапката за негова екстрадиција во Македонија.