ЗАКАНИ, ТЕПАЊА И ВОЗНЕМИРУВАЊЕ ВО СЕМЕЈСТВАТА За пет дена 25 пријави до МВР, 14 лица биле приведени
Во периодот од 1 до 5 ноември полицијата постапувала во 16 градови, а меѓу пријавените случаи имало физички напади, закани, психичко малтретирање и непочитување на судски заштитни мерки.
Во само пет дена полицијата постапувала по 25 пријави за семејно насилство и насилство во партнерски и семејни односи, а во рамки на акциите биле лишени од слобода и приведени 14 лица. Меѓу пријавените случаи има физички напади врз сопружници, поранешни партнери, родители, деца, браќа и сестри, но и психичко малтретирање, закани и вознемирување, информира Министерството за внатрешни работи.
Пријавите биле регистрирани во периодот од 1 до 5 ноември 2026 година, на подрачјата на Скопје, Куманово, Кочани, Штип, Велес, Охрид, Гостивар, Кавадарци, Прилеп, Битола, Тетово, Берово, Струга, Кичево, Свети Николе и Струмица.
Според МВР, 14 лица биле лишени од слобода или приведени поради сомнение за физички напади, упатување закани и други форми на насилно однесување кон членови на семејството и сегашни или поранешни партнери.
Меѓу евидентираните случаи има и непочитување на изречени заштитни мерки, како и непочитување на решенија на центрите за социјална работа поврзани со остварувањето на видувањата со малолетни деца.
Во еден од случаите во Скопје, лице со остар предмет ѝ се заканувало на својата мајка. Во Тетово, пак, бил пријавен случај на следење и упатување закани од поранешен партнер, кој, според пријавата, не ги почитувал изречените судски мерки за заштита.
Полицијата евидентирала и случаи на физичко насилство врз малолетни лица, како и закани и насилно однесување во семејниот дом.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите против инволвираните лица ќе бидат поднесени соодветни пријави и поднесоци.
„Министерството за внатрешни работи постапува по секоја пријава за семејно насилство и ги презема сите законски мерки за откривање и санкционирање на сторителите“, наведуваат од Министерството.
Оттаму упатуваат апел до граѓаните да не молчат и навреме да пријавуваат каква било форма на семејно насилство, за надлежните институции да можат навремено да реагираат.