ФИЛМСКИ ДЕН СО КУЛТЕН КЛАСИК, МАСТЕРКЛАС И ЦРВЕН КИЛИМ Македонскиот кандидат за Оскар, филмот „17“ премиерно пред скопската публика

Свечената проекција на македонскиот кандидат за наградата Оскар, филмот „17“ на режисерката Косара Митиќ, е закажана за вечерва (5 ноември) во Македонскиот народен театар, веднаш по дефилето на Црвениот килим.

1

Скопје Филм Фестивал денеска (5 ноември) нуди програма со култниот филм на режисерот Душан Макавеев, средба со двајцата истакнати полски филмски автори и премиера на македонскиот кандидат за наградата „Оскар“ – филмот „17“ во режија на Косара Митиќ.

Филмскиот ден започнува во 13 часот во киното „Фросина“ во МКЦ, со проекцијата на „Љубовен случај или трагедијата на поштенската чиновничка“ на Макавеев, во рамките на програмата „А1 Кинотека“. Станува збор за едно од препознатливите дела на регионалната кинематографија, кое и денес се смета за значаен филмски класик.






Во 14.30 часот, во Клуб МКЦ, ќе се одржи мастерклас на полскиот авторски тандем Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, овогодишни добитници на фестивалското признание „Златна Скополија“. Нивното гостување е можност публиката и филмските професионалци одблизу да се запознаат со нивниот творечки пристап и искуство.

Попладневната програма продолжува во киното „Фросина“. Во 17 часот ќе биде прикажан американско-канадскиот филм „Тинејџерски секс и смрт во кампот Мијазма“ на режисерката Џејн Шенбрун, а во 19 часот следува италијанско-францускиот трилер „Спирала“ во режија на Паоло Стриполи.

Кулминацијата на денешната програма е во МНТ. Во 20.30 часот е најавено дефилето на црвениот килим, а половина час подоцна започнува свечената премиера на „17“, македонскиот кандидат за наградата „Оскар“. Филмот е во режија на Косара Митиќ, а вечерва за првпат ќе биде прикажан пред домашната фестивалска публика.

Билетите се достапни преку продажната мрежа на MK Tickets, а целосната програма и дополнителните информации може да се најдат на официјалната страница на фестивалот, sff.mk.

Скопје Филм Фестивал е основан во 1998 година и со децении ја поврзува домашната публика со современата светска кинематографија. Фестивалот годишно привлекува меѓу 6.000 и 10.000 посетители, како и филмски професионалци од земјата и странство. Од годинава започнува и процес на трансформација на програмската структура и визуелниот идентитет, со нов меѓународен фестивалски совет и амбиција за посилно регионално и европско позиционирање.

Поврзани содржини