МАКЕДОНИЈА СЕ ПРИКЛУЧУВА НА ЕВРОПСКАТА ВОДОРОДНА ИНФРАСТРУКТУРА Божиновска на министерски состанок во Загреб

Министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска на министерскиот состанок, како што соопштија од Министерството, во своето излагање ова прашање го поврза со изградбата на гасните интерконектори со Грција и Србија кои се дел од европскиот Вертикален коридор.

0

Водородот како енергент на иднината е едно од низата прашања за кои денеска се дискутираше на министерскиот состанок на Иницијативата за енергетско поврзување на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), во Загреб.

На состанокот се разговара за енергетската безбедност, регионалното поврзување и иднината на европскиот енергетски пазар.






Министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска на состанокот, како што соопштија од Министерството, во своето излагање ова прашање го поврза со изградбата на гасните интерконектори со Грција и Србија кои се дел од европскиот Вертикален коридор.

-Македонија годинава ја заврши Националната студија за водород, со што се создаваат предуслови за развој на водородна инфраструктура и идно вклучување во европските водородни коридори. Ваквите проекти се значајни за декарбонизацијата, индустриската конкурентност и долгорочната енергетска безбедност – изјавиа Божиновска.

Божиновска посочи дека новите гасни интерконектори се развиваат со долгорочна визија за можноста за транспорт на водород. Таа додаде дека изградбата на гасниот интерконектор со Грција напредува, со очекувано завршување на македонската делница до средината на 2027 година, додека интерконекторот со Србија е планиран за завршување во 2028 година.

– Со вклучувањето на двата проекти во иницијативата „Вертикален гасен коридор“, Македонија станува важен дел од регионалната инфраструктура за диверзификација на снабдувањето и поврзување на енергетските пазари – рече Божиновска.

Божиновска нагласи дека инфраструктурното поврзување мора да биде проследено со пазарни реформи и усогласување со европските правила.

-Македонија  активно работи на уогласување на пазарот на гас согласно европската легислатива. Паралелно со изградбата на нова инфрсатруктура спроведуваме реформи за воспоставување современ и конкурнетн пазар, вклучително и европски систем за распределба на капацитети и балансиарње, како и незвисен оператор на пазарот на гас. Нашата цел е модернизација на пазарот на гас, поголема транспарентност, конкурентност и интеграција со европскиот енергетски пазар- рече Божиновска.

Во фокусот на разговорите се и забрзаната електрификација, развојот на обновливите извори, модернизацијата на електроенергетските мрежи и системите за складирање енергија.

Министерката ја истакна и важноста на новите технологии и електромобилноста како дел од долгорочната енергетска транзиција.

На состанокот, се разговара и за климатските предизвици и потребата од поголема отпорност на енергетската инфраструктура на екстремни временски услови.

-Климатската отпорност мора да стане трет столб на енергетската безбедност, покрај сигурноста на снабдувањето и диверзификацијата. Потребни ни се енергетски системи што ќе бидат не само поврзани и ефикасни, туку и отпорни на идните предизвици – нагласи Божиновска.

Поврзани содржини