СЕ ЗАОСТРУВААТ УСЛОВИТЕ ЗА КРЕДИТИРАЊЕ ОД 1 ДЕКЕМВРИ Стапуваат во сила новите мерки на НБМ

Се скратуваат роковите за отплата на станбените кредити пд 30 на 25 година, како и вкупните месечни кредитни обврски во однос на приходите на кредитокорисниците од досегашните 50 на 45 отсто.

0

Подигањето кредит од банките ќе стане потешко за граѓаните од 1 декември, кога стапуваат во сила новите мерки на Народната банка за ограничување на задолжувањето. Со измените се намалува дозволениот износ на месечни кредитни обврски во однос на приходите, а се скратуваат и роковите за отплата на одредени станбени и потрошувачки кредити.

Според новите правила, максималниот однос меѓу вкупните месечни кредитни обврски и приходите на кредитокорисниците ќе биде намален за пет процентни поени.






Кај денарските кредити, досегашниот лимит од 50 проценти се намалува на 45 проценти, додека кај кредитите со валутна компонента ограничувањето се намалува од 45 на 40 проценти.

Во практика, тоа значи дека граѓанин со месечна плата од 60.000 денари, кој досега можел да има кредитни обврски до 30.000 денари месечно кај денарските кредити, од декември ќе може да има најмногу 27.000 денари месечни обврски.

Промени се предвидени и во периодот за враќање на кредитите. Станбените кредити наменети за купување втор или дополнителен стан ќе може да се отплаќаат во период до 25 години, наместо досегашните 30 години.

Кај хипотекарните потрошувачки кредити, пак, максималниот рок за отплата се скратува од 20 на 15 години.

Овие измени може да значат поголем месечен товар за кредитокорисниците. Доколку се земе ист износ на кредит и условите останат непроменети, пократкиот рок за отплата ќе резултира со повисока месечна рата. Истовремено, пониските лимити за задолжување ќе влијаат и врз максималниот износ што банките ќе можат да им го одобрат на граѓаните.

Сепак, Народната банка предвидува исклучок за оние кои за првпат купуваат сопствено живеалиште. За оваа категорија граѓани ќе продолжи да важи максималниот рок за отплата од 30 години, како и можноста за минимално сопствено учество од 10 проценти.

За останатите купувачи на недвижности, минималното сопствено учество останува 25 проценти, согласно регулативата воведена во декември 2025 година.

Новите ограничувања треба да придонесат за повнимателно задолжување на домаќинствата и да го ограничат ризикот од прекумерна кредитна изложеност. Новите тнр. макропрудентни мерки Народната банка ги донесе на 2 октомври 2026 година, а  почнуваат да се применуваат од 1 декември 2026 година.

Народната банка наведува дека во првото полугодие од 2026 година кредитите на физичките лица пораснале за 12,2 проценти на годишно ниво, наспроти 11,2 проценти во 2025 година. Кај станбените кредити растот бил 16,6 проценти.

Поврзани содржини