КОСОВСКА КОМПАНИЈА ЌЕ ГО ПРЕЗЕМЕ „ТИНЕКС“ Комисијата за заштита на конкуренцијата даде дозвола
„Проекс Интернационал“ од Приштина ќе го купи бизнисот кој се води под називите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“.
Комисијата за заштита на конкуренцијата даде зелено светло за концентрацијата со која косовската компанија „Проекс Интернационал“ има намера да стекне контрола врз „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје.
Годинава на 2 јули било склучено писмо за намери меѓу „Тинекс-МТ“ како продавач и „Проекс Интернационал“ како купувач, со кое страните се согласиле за главните комерцијални услови за преземање на малопродажниот бизнис со супермаркети на „Тинекс“ во Македонија.
Како што се наведува во решението на Комисијата, трансакцијата го опфаќа бизнисот кој се води под називите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“.
По потпишувањето на писмото за намери, на 14 јули 2026 година „Тинекс-МТ“ го регистрирал новото друштво „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје, кое, според решението, е наменето да служи како средство за стекнување и понатамошно работење на бизнисот. Малопродажниот бизнис или неговите релевантни делови треба да му бидат ставени на располагање на новото друштво согласно договорените услови и конечната документација за трансакцијата.
„Проекс Интернационал“ е компанија од Приштина чија главна дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со храна, пијалаци и тутунски производи. Таа е дел од „Проекс груп“, диверзифицирана косовска деловна групација активна во трговијата, дистрибуцијата, малопродажбата, логистиката и во енергетскиот сектор. Групацијата се занимава и со увоз и дистрибуција на стоки за широка потрошувачка, управување со синџири супермаркети, како и со трговија, складирање и дистрибуција на нафтени деривати.