ТРАМП ПОТПИША САНКЦИИ ЗА РУСИЈА, НА УДАР И ЕУ И ТУРЦИЈА Путин ја повика Европа на соработка
Законот го овластува американскиот претседател Доналд Трамп да воведе санкции за петте најголеми купувачи на руски енергенси, а тоа се Кина, Индија, Турција, Бразил, но и Европската Унија.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, го потпиша законот за пакетот опсежни нови санкции против Русија, соопшти Белата куќа.
Пакетот санкции доби двопартиска поддршка во Конгресот и има цел да го зголеми притисокот врз Русија поради нејзината војна против Украина.
Покрај директните санкции насочени кон руски политичари и компании, законот вклучува и мерки против рускиот извоз на нафта и гас, со кој Москва ја финансира војната.
Кина, Индија, Турција и ЕУ купуваат руски енергенси
Законот го овластува Трамп, меѓу другото, да воведе санкции за петте најголеми купувачи на руски енергенси, како и за петте земји што најмногу ѝ помагаат на Русија да ги заобиколи енергетските санкции.
Мерките би можеле дополнително да ги затегнат трговските односи на САД со Кина и со Индија, земји кои купуваат големи количества руска нафта. Во тие 5 најголеми увозници на руски енергенси се и Турција, Бразил, но и Европската Унија, која и покрај санкциите, останува најголем купувач на руски ЛНГ, со околу 49% од рускиот извоз на ЛНГ. Кина е убедливо најголемиот купувач на руска сурова нафта, која купува околу 50% од рускиот извоз, а Индија купува 37%. И Јапонија и Јужна Кореја се значајни купувачи на руски ЛНГ, но во помал обем од Кина.
Законот што го потпиша Трамп го носи името на покојниот американски сенатор Линдзи Греам, кој одигра водечка улога во унапредувањето на законскиот предлог.
Покрај санкциите против Русија, законот обезбедува и рамка за продолжување на санкциите против Иран до 2031 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на Трамп за потпишувањето на законот.
„Најдобриот начин да се оддаде почит на споменот на Линдзи ќе биде целосно и брзо спроведување на одредбите од овој закон. А најдобрата награда за сите што ни помагаат да извршиме притисок врз Русија да ја прекине војната, ќе биде мирот“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, уште пред Трамп да го потпише законот, предупреди дека дополнителните американски санкции ќе ги искомплицираат напорите за постигнување мирно решение во Украина.
Трамп ја обвини Русија за напади врз сојузниците на Украина
Трамп, освен потпишувањето на законот за нови санкции, синоќа изјави дека Русија со години наназад ги напаѓа сојузниците на Украина.
– Тие ги напаѓаат украинските сојузници веќе околу 5 години. Мислам дека сите се согласуваат со тоа – рече Трамп во Белата куќа, одговарајќи на новинарско прашање.
Полскиот премиер Доналд Туск пред два дена пред пратениците во полскиот Сејм изјави дека очекува во следните неколку недели да има поинтензивни руски напади врз Украина и нејзините поддржувачи. Туск изјави дека разузнавачките проценки укажуваат оти би можело да дојде до напади со беспилотни летала и ракети врз земјите што ѝ пружаат поддршка на Украина – вклучително и Полска – кои би изгледале како случајни инциденти.
Путин повика на живеење во хармонија
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, вчера рече дека украинскиот режим се обидува да ги спречи изборите во Русија и дека му е потребна војна за да остане на власт, додека во исто време Европејците ги користат Украинците како топовско месо.
Путин оцени дека режимот во Украина одамна се претворил во диктатура и дека обидите на Западот да го претстави корумпираниот режим како заштитник на демократијата се чудни.
– Украинското раководство не брза да одржи избори, како што е познато, тие дури сакаат да ги попречат нашите избори – рече Путин.
Истакна дека Киев предлага наводно обновување на преговорите, но со своите активности прави сè за да се осигура дека нема преговори или мир.
Невозможно е да се заплаши Русија, тоа е очигледно за сите, додаде Путин.
– НАТО се шири и напредува, влегувајќи во различни региони во светот. Европејците го користат изговорот на наводната руска закана за да ги прикријат сопствените грешки во економската политика. Русија е подготвена за соработка и обновување на односите со Европа. Ајде едноставно да живееме во хармонија. Во спротивно, и Москва ќе мора да одговори – рече тој.
Путин повтори дека Русија нема никакви агресивни намери кон Европа, потсетувајќи дека Европејците на изборите јасно ставаат до знаење дека не сакаат никаква војна со Русија.