ВРХОВЕН ОБЈАСНИ ЗОШТО Е УКИНАТА ПРЕСУДАТА ЗА ЛАСКАРЦИ Апелација не објаснила како секој од осудените придонел за трагедијата

Највисокиот суд бара целосна анализа на жалбите и конкретна врска меѓу дејствијата на секој осуден и несреќата во која загинаа 16 луѓе. Отворено е и прашањето зошто не било направено супервештачење за здравствената состојба на возачот.

34

Врховниот суд објави зошто ја укинал пресудата на Апелација за трагедијата кај Ласкарци и го вратил предметот на повторно одлучување. Клучната забелешка е дека второстепениот суд не дал доволно конкретни одговори на суштинските жалбени наводи, ниту детално објаснил врз кои докази е утврдена кривичната одговорност на секој од осудените.

„Апелациониот суд Скопје не дал одговор на сите жалбени наводи истакнати од сега осудените во поднесените жалби кои пак како правен лек овозможуваат сеопфатна анализа и контрола на спроведената постапка пред првостепениот суд.“






Забелешките не се однесуваат само на одлуката на Апелација. Врховниот суд оценува дека уште во првостепената пресуда преовладувало прераскажување на изведените докази, без доволно образложение зошто судот дошол до конкретните заклучоци.

„Во првостепената пресуда според овој суд преовладува дескриптивниот пристап со извадоци од изведените докази, без притоа да се наведат причините за таквата констатација на судот“.

Апелација, според Врховен, требало да ги исправи тие недостатоци при одлучувањето по жалбите. Наместо тоа, највисокиот суд оценил дека за прашања клучни за кривичната одговорност биле дадени премногу општи образложенија.

„Постапувајќи по жалбите, второстепениот суд не дал одговор на таквите недостатоци, туку само дава воопштени одговори и констатации на жалбените наводи и прашања кои се од суштествено значење за утврдување на кривично-правната одговорност на осудените“.

Предметот сега повторно оди пред Апелациониот суд, кој ќе мора да постапи според насоките на Врховен и одново да ги разгледа прашањата што ги отвориле осудените преку своите бранители.

„Да одлучува во границите на испитување на првостепената пресуда во оној дел во кој се побива во поднесените жалби, односно да направи целосна анализа на сите жалбени наводи, како и да внимава по службена должност во случаите кои се предвидени со закон, на кој начин ќе донесе правилна и законита одлука“.

Со укинатата пресуда на Апелација од 17 април 2025 година, казните на дел од осудените беа зголемени. На сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и на одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари казните им беа зголемени од 6 на по 10 години затвор, додека Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски добија по 7 наместо по 5 години.

Возачот Маноил Трифуновски остана со казна од 14 години затвор, а Јане Боваровски со 5 години.

Автобуската несреќа кај Ласкарци се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“ излета од автопатот Скопје – Тетово. Загинаа 16 луѓе, а повеќе од 30 беа повредени.

Поврзани содржини