📽️ 23 ГОДИНИ ПО БАКНЕЖОТ СО БРИТНИ СПИРС, МAДОНА СЕ ВРАЌА НА ИСТАТА СЦЕНА Кралицата на попот ќе ја отвори церемонијата на доделувањето на музичките награди на МТВ
По 23 години, Мадона повторно ќе настапи на сцената на MTV Video Music Awards каде што во 2003 година крена прашина со настапот и бакнежот со Бритни Спирс и Кристина Агилера
Мадона се враќа на сцената на MTV Video Music Awards по пауза од 23 години. Кралицата на попот ќе ја отвори овогодишната церемонија на 27 септември во Лос Анџелес, што ќе биде нејзин прв настап на ВМА по 2003 година.
Нејзиниот последен настап на оваа сцена беше еден од најпознатите моменти во историјата на наградите. Во 2003 година Мадона ја отвори церемонијата со Бритни Спирс и Кристина Агилера. Настапот вклучуваше песни како „Hollywood“ и „Like a Virgin“, а токму бакнежите меѓу трите пејачки подоцна станаа еден од најпрепознатливите моменти од таа церемонија.
View this post on Instagram
Оваа година Мадона на ВМА доаѓа во особено важен момент од кариерата. Таа е најноминираната изведувачка на церемонијата со вкупно 11 номинации, меѓу кои за изведувач на годината и видео на годината за „Confessions II – The Film“. Номинација има и за песната „Bring Your Love“, која ја сними со Сабрина Карпентер.
Номинациите доаѓаат по објавувањето на нејзиниот нов албум „Confessions II“, кој е нејзин 15. студиски албум и продолжение на „Confessions on a Dance Floor“ од 2005 година. Според официјалното соопштение, албумот стигна до првото место на американската листа „Billboard 200“.
Со 19 досегашни конкурентски победи на ВМА, Мадона има можност да ја зголеми својата колекција на награди. Ова е третпат во кариерата да биде најноминирана на церемонијата – претходно тоа ѝ се случи во 1990 година со „Vogue“, кога доби девет номинации, и во 1998 година со „Ray of Light“ и „Frozen“, исто така со девет номинации.
Церемонијата ќе се одржи во „Peacock Theater“ во Лос Анџелес, а водител ќе биде Снуп Дог. ВМА годинава се враќаат во Лос Анџелес за првпат по 2017 година. Мадона засега е единствениот официјално најавен изведувач, а дополнителните настапи и гости треба да бидат објавени во наредните денови.