САМСУНГ БАРА ДА СЕ ОТФРЛИ ТУЖБАТА НА ДУА ЛИПА ТЕШКА 15 МИЛИОНИ ДОЛАРИ Пејачката тврди дека нејзина фотографија без дозвола била ставена на кутии од телевизорите
Samsung бара судот да ја отфрли тужбата на Дуа Липа, која бара најмалку 15 милиони долари поради фотографија од неа на кутии од телевизори продавани во САД.
Самсунг побара од американски суд да ја отфрли тужбата на Дуа Липа, со која пејачката бара најмалку 15 милиони долари отштета поради наводно неовластено користење на нејзина фотографија на кутиите за телевизори.
Тужбата беше поднесена во мај годинава, откако Дуа Липа тврдеше дека Самсунг без нејзина дозвола користел нејзина фотографија на пакувањата на различни модели телевизори продавани во САД. Според нејзините наводи, фотографијата била направена зад сцената на фестивалот „Austin City Limits“ во 2024 година и таа ги поседува авторските права за неа.
Пејачката тврди дека за тоа дознала во јуни 2025 година, кога на социјалните мрежи почнале да се појавуваат објави за „Дуа Липа телевизор“. Во тужбата се наведува и дека нејзиниот тим повеќепати барал фотографијата да биде отстранета од пакувањата, но дека компанијата не го сторила тоа. Таа затоа бара најмалку 15 милиони долари отштета, поврзана со наводно прекршување на авторски и трговски права и неовластено користење на нејзиниот лик.
Сега Самсунг возвраќа дека на фотографијата на кутиите немало ништо што би сугерирало дека Дуа Липа ги поддржува или рекламира телевизорите. Адвокатите на компанијата тврдат дека сликите само го прикажувале интерфејсот на телевизорот, односно апликациите и пример за содржината што може да се гледа преку уредот. Фотографијата на пејачката била поврзана со каналот Xite Hits, достапен преку бесплатната услуга Samsung TV Plus.
Од Самсунг уште кога избувна спорот тврдеа дека фотографијата ја добиле од партнер кој им дал изречна гаранција дека се обезбедени потребните дозволи, вклучително и за нејзино користење на кутиите во продавниците. Компанијата затоа негира дека намерно ги прекршила правата на пејачката.
Во најновото поднесување, Самсунг бара тужбата да биде отфрлена во целост. Меѓу аргументите на компанијата е и дека нејзиниот изглед сам по себе не претставува регистриран трговски знак, како и дека нејзините наводи не се доволни за да покажат лажно создаден впечаток дека таа го одобрува или промовира производот.
Според достапните информации за поднесокот, рочиштето за барањето за отфрлање е закажано за 14 декември.