📽️ ПOРАНЕШНАТА СОПРУГА НА ЕМИНЕМ ПОВТОРНО ЗАВРШИ ВО ЗАТВОР Ким Скот ја прекршила судската одлука и го напуштила лекувањето од зависност

Ким Скот повторно е зад решетки откако самоволно го напуштила лекувањето од зависност, кое судот ѝ го одредил како услов да остане на слобода. На бурното рочиште судијата ги отфрлил аргументите на нејзината одбрана и ѝ го укинал пуштањето со кауција.

1

Поранешната сопруга на раперот Еминем, 51-годишната Ким Скот, повторно заврши во затвор поради прекршување на условите за пуштање на слобода. Судијата ја донел одлуката по расправија на рочиште во округот Макомб, во американската сојузна држава Мичиген.

Според судските наводи, Скот го напуштила програмот за лекување од зависност во установа каде што требало да престојува за време на терапијата, без претходно да поднесе писмено барање за промена на условите за нејзиното ослободување. Судијата оценил дека таа немала право самостојно да одлучи да го напушти лекувањето.






Снимката од судницата покажува жестока расправија меѓу судијата и адвокатката на Скот. Откако ги отфрли аргументите на одбраната, судијата ја укина одлуката со која таа била пуштена на слобода со кауција. Во текот на расправата, тој ѝ забележа на адвокатката дека очигледно избира да доаѓа на суд кога тој не е присутен, а во еден момент ја прекина дискусијата со зборовите: Немам повеќе што да кажам!

Ова не е првпат Скот да има проблеми со законот поради возење под дејство на алкохол. Во февруари годинава, со својот „ренџ ровер“, удрила во паркиран автомобил, а во мај повторно учествувала во сообраќајна несреќа. Таа ја признала вината во двата случаи.

Судијата претходно ѝ дал можност да избегне затвор доколку го заврши задолжителното лекување во установа со престој. Бидејќи не го исполнила тој услов, повторно се соочува со притвор. Нејзиниот случај е дел од серијата постапки поврзани со пријави за возење под дејство на алкохол и прекршување на условите за ослободување.

Ким и Еминем, чие вистинско име е Маршал Матерс, ја имаат ќерката Хејли Џејд, родена во 1995 година. Двојката се венчаше во 1999 година, се разведе во 2001 година, а во 2006 година повторно стапи во брак, но вториот брак траеше многу кратко. Конечно се разделија во 2007 година.

Во 2016 година, Ким изјавила дека таа и Еминем се блиски пријатели и дека се обидуваат заеднички да ги воспитуваат децата што е можно понормално. Имено, освен Хејли Џејд Скот, биолошката ќерка на Еминем и Ким, раперот презел родителска улога и кон уште две деца, кои законски ги посвоил. Еминем ја посвоил Алејна Мари Скот, ќерката на сестрата близначка на Ким, Доун Скот, која се соочувала со проблеми со зависност и починала во 2016 година.

Исто така, Еминем во 2005 година го посвоил и Стиви Лејн Скот, детето на Ким од врската со Ерик Хартер, родено во 2002 година. Стиви во 2021 година јавно соопшти дека е небинарна личност.

Овие три деца се дел од семејството што Еминем го одгледувал со Ким. Раперот во повеќе наврати зборувал за важноста на татковството и за тоа колку децата му помогнале да го промени животот.

Поврзани содржини