ПЛАТИЛ 4,5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЗА БРАК СО ГЛУМИЦА Криптомилијардерот Џастин Сан си ги бара назад парите што му ги дал на семејството на кинеската актерка Џинг Тјен
Криптомилијардерот Џастин Сан ја тужи кинеската актерка Џинг Тјен и нејзините родители за враќање на 4,5 милиони долари дадени како свадбен подарок пред планираниот брак.
Криптомилијардерот Џастин Сан ја тужи кинеската актерка Џинг Тјен и нејзините родители, барајќи да му бидат вратени 30 милиони кинески јуани, односно околу 4,5 милиони долари.
Сан тврди дека парите му биле префрлени на семејството на актерката како таканаречен „брачен подарок“, односно традиционален подарок од семејството на младоженецот кон семејството на невестата пред брак. Според неговата верзија, тој и Тјен биле во врска со намера да стапат во брак, но плановите пропаднале. Кинескиот суд ја прифатил тужбата, а Сан побарал и мерка за зачувување на имотот поврзан со спорот.
Случајот дополнително го привлече вниманието откако Сан откри детали за нивната наводна врска. Во разговор со „Волстрит журнал“ тој потврдил дека со актерката се забавувал со намера да се венчаат. Според неговите тврдења, додека се подготвувале за медицински постапки во САД со цел да добијат дете, од другата страна било побарано да плати 50 милиони долари. Сан вели дека одбил, по што контактот бил прекинат и планот за брак повеќе не можел да продолжи.
Сепак, приказната има необичен пресврт. Сан на својата страница на „Икс“ објави текст со наслов „Мојата девојка Џинг Тјен“, во кој детално ја опиша нивната наводна романса, но на крајот додаде напомена дека приказната е целосно измислена и дека секоја сличност со вистински луѓе и настани е случајна. И покрај тоа, неговиот адвокат потврди дека тужбата против актерката и нејзините родители навистина постои.
Тјен не ги коментираше директно неговите обвинувања, но по објавувањето на информациите за тужбата напиша на кинеските социјални мрежи дека никогаш нема да ја продава својата љубов за пари. Таа додаде дека верува во љубовта, но и во законот, добрината и тоа дека на крајот ќе надвладеат правдата и правичноста.
Џинг Тјен има играно во повеќе големи кинески продукции, но и во холивудските филмови „Ѕидот“, „Конг: Островот на черепот“ и „Пацифик Рим: Востание“. Таа има 38 години, додека Сан има 36. Сан, кој ја основал блокчејн-компанијата „Трон“ во 2017 година, според „Форбс“ има богатство проценето на околу 8,5 милијарди долари.
Сан и претходно привлекуваше внимание со екстремно скапи потези. Тој во 2024 година стана вирален откако на саемот „Арт Базел“ во Мајами плати 6,2 милиони долари за уметничко дело со банана залепена со лента за ѕид. Сан веднаш потоа ја изеде бананата.
Покрај уметничкото дело со бананата, Сан платил 4,57 милиони долари за добротворен ручек со Ворен Бафет, како и 28 милиони долари за место на лет во вселената со „Блу Ориџин“ во 2025 година.