ЃОРЃИЕВСКИ Ѝ СЕ ИЗВИНИ ЗА БЛОКИРАНАТА ГРАЃАНКА НА ФЕЈСБУК „Грешка на тимот, нема да се повтори“

Скопскиот градоначалник вели дека немало лоша намера и дека пропустот го направил член на тимот што управува со неговите социјални мрежи.

41

Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски јавно ѝ се извини на граѓанка која била блокирана на неговиот официјален профил на Фејсбук, откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дискриминација.

Ѓорѓиевски рече дека блокирањето било ненамерен пропуст на член од неговиот тим што управува со социјалните мрежи. По одлуката, соработникот добил насока веднаш да ја одблокира граѓанката.






– Се извинувам на мојата сограѓанка за лошото постапување од страна на мојот тим. Грешки се случуваат, живи луѓе сме. Немало лоша намера – рече Ѓорѓиевски.

Тој објасни дека лично се обидува да одговара на пораките и коментарите на граѓаните, најчесто во доцните вечерни часови. Поради бројните обврски, сепак, дел од комуникацијата на профилот ја водат неговите соработници.

Ѓорѓиевски порача дека добронамерните и издржани критики не ги гледа како проблем, туку како можност побрзо да се поправат недостатоците во градот.

– Секоја конструктивна забелешка ја гледам како спортски пенал – рече градоначалникот, повикувајќи ги скопјани да продолжат да пријавуваат проблеми и да даваат предлози.

Тој изрази уверување дека вакви случаи нема да се повторуваат и рече дека Скопје, како град со околу 800.000 жители според неговата изјава, не може да се подобрува без забелешките на граѓаните.

Поврзани содржини