СТРАТЕШКИТЕ РУДАРСКИ ПРОЕКТИ НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ ЗАЛОЖНИЦИ НА УЦЕНИ И УЛТИМАТУМИ „И Здравје и Работа“ порачува дека проектот Иловица-Штука има стратешко значење
Легитимното право на граѓаните да го изразат своето мислење мора да се почитува. Но, истото тоа право не смее да се претвори во механизам преку кој мала група луѓе ќе може трајно да блокира инвестиција од стотици милиони евра и потенцијални економски придобивки за целата држава.
Рударските проекти од стратешко значење за Македонија не смеат да бидат предмет на политички уцени, притисоци и блокади од страна на мали организирани групи. Одлуките за иднината на македонското рударство мора да се носат врз основа на факти, стручни анализи, законски процедури и пред сè – во интерес на државата и нејзините граѓани – порачува иницијативата „И Здравје и Работа“.
„Сметаме дека една мала група не смее да има право да ја блокира економската иднина на цела држава. Денес, кога цената на бакарот достигнува историски високи нивоа и кога Европа активно бара сигурни извори на критични минерали, Македонија има можност да го искористи сопствениот минерален потенцијал. Бакарот е клучен за електроенергетските мрежи, електричните возила, обновливите извори на енергија и развојот на современата дигитална инфраструктура.
Во такви услови, Иловица–Штука не може да се третира само како локално или политичко прашање, особено што станува збор за ресурс со пошироко економско и стратешко значење.
Проектот се поврзува со планирано производство од околу 16.000 тони бакар годишно, инвестиција од околу 350 милиони евра во првите две години од изградбата, како и можност Македонија да стане дел од европските синџири на снабдување со критични суровини.
Кој одлучува за иднината на Македонија?
Легитимното право на граѓаните да го изразат своето мислење мора да се почитува. Но, истото тоа право не смее да се претвори во механизам преку кој мала група луѓе ќе може трајно да блокира инвестиција од стотици милиони евра и потенцијални економски придобивки за целата држава.
Особено не смееме да дозволиме политичкиот притисок да го замени институционалното одлучување.
Ако постојат прашања во врска со животната средина, тие треба да бидат разгледани низ стручни анализи, мониторинг, законски процедури и највисоки стандарди за заштита на природата.
Ако постојат економски прашања, тие треба да се разгледуваат преку конкретни податоци – инвестиции, работни места, извоз, приходи за државата и локалната економија.
Но, одлуката не смее да се носи преку уцена со протести, политички притисок или создавање впечаток дека една мала група има право на вето врз стратешкиот развој на државата. Ако другите земји ги користат своите ресурси, создаваат работни места, привлекуваат инвестиции и се позиционираат во европската индустрија, Македонија не смее да остане држава која има ресурси, но нема храброст да ги стави во функција.
Оттаму, повикуваме институциите да ја гледаат Иловица–Штука низ призмата на долгорочниот државен интерес, а не низ дневнополитички притисоци. Не бараме компромис со животната средина. Бараме одговорно рударство со високи стандарди, транспарентен институционален процес и фер распределба на економските придобивки.
Иднината на економијата мора да се гради врз факти, институции и интересот на граѓаните. Македонија има ресурси. Време е да има и одлука да ги стави во функција“ – порачува „И Здравје и Работа“.