Референдумската волја на македонскиот народ за суверена држава е пламен што мора да се чува, да се разгорува и да се слави!
Прославата на 35-годишнината од Референдумот за независност не ги смени историските факти, ниту ја смени сегашноста. Но, таа го поткрена духот на нацијата и уште еднаш потврди дека плебисцитарната волја на граѓаните на Македонија за самостојна, суверена и демократска држава има историски континуитет во одлуките на двата Илиндена и директна потврда на плебисцитот на 8 септември 1991 година. Таа е и нашиот влог во иднината. Навистина, се потрошија „малце многу“ пари, но наместо државната каса, „настрада“ главно нераспределена дивиденда на богатата Лотарија на Македонија. Ама, се виде и што значи онаа старата – колку пари, толку музика.
Па зарем ние немаме општествено одговорна влада, штом морало општествено одговорни компании да ја платат прославата на 35-годишнината од Референдумот за независност?
Ова е апсолутно најсмешниот, а истовремено и најлуцидниот коментар на социјалните мрежи, по соопштувањето на информацијата дека македонските даночни обврзници не платиле ниту денар за славеничките настани и дека цехот го поднеле неколку наши моќни компании.
Најмоќната меѓу нив, не нужно и општествено најодговорната, е Државна лотарија на Македонија. Единствен сопственик на уделите во оваа компанија е државата. Технички, компанијата, како и секоја друга, самата одлучува што ќе прави со добивката. Суштински, во оваа компанија, за тоа, во име на државата, одлучува владата. И така, дознавме дека владата на Христијан Мицкоски одлучила Лотарија да издвои 300 милиони денари од нераспределената добивка за 2024 година и да ја спонзорира богатата празнична програма.
Бидејќи во оваа колумна повеќе ќе зборувам за суштината, отколку за процедурите и за техничките прашања, морам да кажам дека јас согледувам еден суштински проблем во врска со таа одлука. Имено, владата на Христијан Мицкоски го презеде кормилото во јуни 2024 година, а тоа значи дека со Лотарија половина од таа година „газдувале“ и правеле профит претходната влада на СДСМ и техничката влада на Талат Џафери. Поради тоа, мислам дека за концептот на прославата и за програмата требало да биде консултиран и Венко Филипче, со цел да биде вклучена и музичката икона на СДСМ.
Како бе која икона? Па Харис Џиновиќ, нормално!
Навистина сме немале за леб, а трошиме за Гета?
Од легалистички и од процедурален аспект, постапката на менаџирање на парите е неспорна. Лотарија на јавниот повик си избрала македонски оператор со докажани способности да организира сценски спектакли, со учество на врвни светски и домашни изведувачи. „Авалон продукција“ работата си ја заврши брилијантно, без ниту еден забележителен кикс во организацијата на настаните.
Сега три битни прашања за суштината на проектот:
Прво, дали навистина требаше да се откажеме од скапите и спектакуларни прослави, поради најступидниот аргумент што го прочитав деновиве во еден наслов во медиум – ние немаме за леб, а трошиме за Гета?!
Второ, 300 милиони денари или 4,8 милиони евра – да не се „малце многу“, што би рекол Груевски?
И трето, дали владата постапила општествено одговорно?
Пред да одговорам на легитимните прашања, од моја гледна точка секако, една мала дигресија: медиумот во кој осамна оној наслов, повеќе од една деценија е корисник на државни субвенции. Освен тоа, тој медиум и неколку други, долги години добиваат екстра државни пари од законски задолжителни огласи и други објави на државните институции. Тој медиум и неколку други такви, иако се во целосна приватна сопственост, во голем дел се спонзорирани од државниот Буџет. Со „малце многу“ пари. Никој во владата на Мицкоски не знае да ви објасни зошто тоа сè уште е така. Како и да е, вознемирен од насловот што го прочитав, веднаш му напишав порака на премиерот: итно да се интервенира во Буџетот, за медиумот да добие уште повеќе пари од државата, бидејќи нема смисла, нели, колегите да страдаат за леб.
Ете, јас постапив општествено одговорно, обидувајќи се да влијаам што повеќе пари од македонските даночни обврзници да се потрошат за добра цел – за леб за изгладнети новинарски страдалници, а не за игри. Иако, кој знае малку историја, знае дека традицијата на генерирање јавна поддршка за разни каузи, со леб и со игри (panem et circences), потекнува уште од Стариот Рим…
Фејсбук морализирање за штедењето и за скромноста во земја во која никој не штеди
Но, да се вратиме на суштината. Вредеше ли да се потрошат 300 милиони денари, или околу 4,8 милиони евра, за славјето на Референдумот за независност?
Иако не сакам да спорам со впечатокот дека сумата е во категоријата „малце многу“, мојот одговор на ова прашање е – да, вредеше!
Ќе се обидам да го одбранам со три клучни аргументи:
Прво, можеме ние да се надмудруваме колку што сакаме и да се „мечуваме“ со бројки и со проценти (кои баш и не се на страната на тие што тврдат дека пропаѓаме), но секако тешко некој ќе ме убеди дека ние во Македонија сме биле страдни за леб. Тој наратив, дури и на ниво на новинарска хипербола, сепак е неприфатлива манипулација.
Второ, после две децении чмаење во европската чекалницата – и тоа во оној нејзин дел каде што е дозволено и дури и препорачливо да се пуши и да се испуши – после долги години себенегирање и самоизмачување со јалови компромиси кои ни донесоа само чемер и јад, богами и вредеше да се потсетиме на вознесот со кој една друга генерација Македонци, во едно друго време-невреме, собра храброст и постигна единство за да си ја осамостои државата со плебисцит, да ѝ го поврати изворниот суверенитет и да прогласи независност. А тогаш – баш тогаш! – бевме блиску до гладни за леб и уште поблиску до крвопролевање.
И трето, ако владата веќе решила со одбележување на еден значаен настан да го поткрене духот на нацијата и да покаже дека љубовта кон татковината е многу повеќе легитимна вредност на европската цивилизација одошто себенегирањето и „размакедончувањето“ во име на одамна поразениот лажен европски „прогресивизам“, тогаш прославите, игрите, имаат смисла само ако бидат достоинствени, да не речам да бидат „класа“.
Општо земено, ме нервира она наше сеопшто фејсбук морализирање за штедењето и за скромноста. Посебно што тоа се шири од некои недоветни луѓе, во земја која е една од ретките во Европа во која народот воопшто и не штеди. Меѓу другото, затоа што и не знае да штеди. Не се штеди на тој начин што ти на комшијата што вози ново „ауди“ ќе му покажеш колку си страден за леб, ама на тој начин што ќе возиш „стокец“. Не само што тоа нема поента, туку веќе нема ни „стокец“ да се најде. Јасно ли е барем ова?
Аааа … во 2018 година немавме за леб у уста, а имавме за Курц!
А сепак, некој, веројатно со право, ќе праша – муабетот си е муабет, ама 300 милиони денари си се 300 милиони денари, сме потрошиле ли ние некогаш порано толкави пари за леб и за игри, макар и за промоција или одбрана на некаква легитимна политичка кауза?
Имам одговор на ова прашање што ќе ве изненади – да!
Имавме ние еден таков настан, еден бомбона проект, што можеме да го споредиме со оваа прослава платена со нераспределената дивиденда на Лотарија. Дури и сумата е идентична!
Да се потсетиме…
Откако го потпиша Преспанскиот договор во јуни 2018 година, со кој Македонија доби ново име за официјална употреба и дома и во странство, тогашниот премиер Зоран Заев науми да си обезбеди поддршка од народот. Некој го излажа дека така требало, можеби истиот што сега му дели ум и го лаже Венко Филипче. Свика Зајко референдум, на кој беше поставено манипулативно прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ Манипулацијата се состои во тоа што на еден таков референдум, во паника и кукавички прогласен за „консултативен“, избирачите објективно можеа да се изјаснат дали го прифаќаат Преспанскиот договор (тоа зависи од нас), но не и за членството во ЕУ и во НАТО – за членството одлучува некој друг, а не Македонија.
Како и да е, за организирање на тој референдум и за придружната кампања, директно од државниот Буџет беа издвоени вкупно околу 4,8 милиони евра. Општествено одговорните странски дипломатски мисии и некои „проевропски“ политички партии додадоа и свои пари во тој фонд, ама лавовскиот дел од цехот за оваа глупава референдумска авантура на Заев го поднесоа македонските даночни обврзници.
Во кампањата за тој референдум имаше скапо платени спотови, сценски настапи и слично. Се разбира, ништо не може да се спореди со празничната програма што ја видовме за 35-годишнината од Референдумот за независност. Настапија еден Хозе Карерас и Дејвид Гета. Ама и во кампањата за Заевиот референдум настапија големи светски ѕвезди. Во Македонија дојдоа и нè пееја Ангела Меркел и Себастијан Курц, канцеларите на Германија и на Австрија. Дојде и Јенс Столтенбеег, генералниот секретар на НАТО. Емануел Макрон не дојде, ама ни испрати видео порака…
А тогаш немаше наслови – немаме за леб у уста, а имаме за Курц!
Во септември 2028 година прослава „10 години референдум за ЕУ и НАТО“ со Харис Џиновиќ како главна ѕвезда
И сè беше попусто… Референдумот, на 30 септември 2017 година, нормално, не успеа. Гласаа само 650.000 избирачи или нешто под 40% од граѓаните запишани на Избирачкиот список, далеку од цензусот. Резултатот потоа се прогласи за необврзувачки. Мала консултација, ништо страшно.
Да беше жив, Киро Глигоров на Зоран Заев тогаш ќе му речеше – абе торко, јас да организирам референдум и да изгубам, на идиот ли би ти личел?!
Добро, не е исто да организираш референдум и прослава на референдум. Се согласувам. И затоа предлагам на СДСМ во септември 2028 година да му се обезбеди буџет од општествено одговорни компании, за да организира прослава на 10-годишнина од Референдумот за ЕУ и НАТО. Ниту ние ЕУ ќе видиме, ниту СДСМ власт ќе види, не знам точно што би се славело, ама ќе знае Венко Филипче што да направи со нераспределената дивиденда на Лотарија.
Да не мислите дека Дејвид Гета е поскап од Харис Џиновиќ? И дека Карерас боље пее од него?
Дали сè уште некому не му е јасно историското значење на плебисцитот на 8 септември 1991 година?
Сепак, ако зборуваме за суштината и ако некој сериозно тврди дека не ни била потребна ваква грандиозна прослава на 35-годишнината на Референдумот за независност, особено не за „малце многу“ пари, бидејќи тоа нема ништо битно да промени ни во историјата ни во сегашноста, тогаш споредбата со Заевиот референдум, за кој беа потрошени исто толку пари (ама државни), е апсолутно одржлива. На Заев воопшто не му беше потребно плебисцитарното изјаснување „за ЕУ и НАТО“, за да го оснажи Преспанскиот договор со уставни промени. Уставот беше променет кратко време по неуспешниот референдум, со потребното двотретинско мнозинство во парламентот.
Разликата меѓу тој срам и заеб од 2018 година и историскиот Референдум за независност пред 35 години, во поглед на влогот, е огромна. Без јасно изразената мнозинска волја на граѓаните на 8 септември 1991 година за самостојна и суверена Македонија, политичкото раководство тогаш немаше да има легитимитет и храброст да прогласи независност и потоа да го донесе првиот македонски Устав. Евентуалниот пораз на тој референдум немаше да може да се прогласи за неуспешна „консултација“ со народот, бидејќи објективно ќе значеше дека македонската држава како субјект во југословенската федерација, во периодот на нејзиното распаѓање се откажала од својот изворен суверенитет, кој го стекна кон крајот на Втората светска војна. Кој знае дали денес ќе имавме своја држава…
За среќа, дилемите денес се минато, бидејќи пред 35 години се случи токму обратното. Македонскиот народ јасно и моќно ја демонстрираше својата волја за суверена, самостојна и демократска држава. Исто како и на заседанието на АСНОМ на Илинден 1944 година. Исто како и во востаничко Крушево на Илинден 1903 година… Затоа референдумската волја на македонскиот народ за суверена држава е оган што мора да се чува, да се разгорува и да се слави. Таа е нашиот влог и во заедницата на европски народи, во која Македонија припаѓа природно и ќе биде дел од неа, независно од сите уцени и блокади со кои е соочена денес.
Сепак, вредеше.