🎥 ТАЈГЕР ВУДС И ВАНЕСА ТРАМП СИ ДАВААТ ПОДДРШКА ВО НАЈТЕШКИТЕ ДЕНОВИ Таа беше со него на суд, тој покрај неа во борбата со ракот
Ванеса Трамп го придружуваше Вудс на суд по случајот со сообраќајната несреќа, додека славниот голфер во изминатиот период беше покрај неа откако таа откри дека боледува од рак на дојката
Тајгер Вудс и поранешната жена на Доналд Трамп Јуниор, Ванеса Трамп, минуваат низ исклучително тежок период, но токму проблемите со кои се соочуваат уште повеќе зближиле. Додека Ванеса се лекува од рак на дојката, Вудс се справува со последиците од сообраќајната несреќа и судскиот процес што следеше. Според извори блиски до парот, двајцата си даваат голема емоционална поддршка.
Тоа особено се виде деновиве, кога Ванеса го придружуваше Вудс на суд во Флорида. Таа пристигна со него во судот во Стјуарт и седеше зад него додека голферот го завршуваше случајот што започна по неговото апсење во март. Според „Page Six“, за Вудс многу значело што Ванеса била покрај него во тој момент.
Вудс на суд прифати спогодба и се изјасни дека не ја оспорува вината за намалени обвиненија поврзани со несовесно возење. Вудс првично беше обвинет за возење под дејство на алкохол или дрога (DUI – „driving under the influence“) со предизвикана материјална штета, како и за одбивање да се подложи на законски тест за присуство на алкохол или дрога. По истрагата, обвинителството оцени дека нема доволно докази дека Вудс бил под дејство на хидрокодон, лекот против болки кој бил пронајден кај него. Затоа, обвинението за DUI беше отфрлено и заменето со поблаго обвинение за несовесно и опасно возење. Вудс се изјасни дека не ја оспорува вината за тоа обвинение, а доби петгодишна суспензија на возачката дозвола и парична казна.
Но, зад оваа судска приказна стои и многу посериозна лична борба. Ванеса во мај јавно откри дека ѝ е дијагностициран рак на дојката и дека се лекува. Во периодот кога таа се соочува со болеста, Вудс бил покрај неа и ѝ давал поддршка, исто како што таа беше покрај него додека тој се справуваше со сопствените проблеми.
Извори за „Page Six“ велат дека токму нивната меѓусебна поддршка станала особено важна во последните месеци.
– И двајцата минуваат низ неверојатно тешки работи во своите животи и навистина се потпираат еден на друг – навел извор близок до парот. Според него, тие си дале многу сила во период кога на двајцата им била потребна.
Вудс, кој има 15 освоени големи турнири и е една од најголемите легенди во историјата на голфот, годинава помина и шест недели на лекување во странство по несреќата. По враќањето во Флорида, извори за „People“ наведоа дека бил среќен што повторно е дома и близу до Ванеса и дека сериозно му пристапил на процесот на опоравување.
Нивната врска стана јавна во март 2025 година, кога Вудс објави заеднички фотографии со Ванеса и напиша „љубовта е во воздухот“. Оттогаш ретко се појавуваат заедно во јавност, поради што нејзиното присуство покрај него на суд привлече дополнително внимание.