КАКО И КАДЕ ДА БИДЕ ПОГРЕБАН РАТКО МЛАДИЌ? Прашање за кое во Србија многу се расправа, ама само еден одлучува
Младиќ, според наводите на српските медиуми, наводно сакал да биде погребан покрај својата ќерка, која во 1994 година, на 23-годишна возраст, изврши самоубиство.
Белград расправа како треба да биде погребан Ратко Младиќ, осудениот воен злосторник во Хаг, кој за дел од српската популација сѐ уште е херој чии дела се величаат, а злоделата за кои е осуден се премолчуваат или се минимизираат. Сепак, на крајот на таа дебата, за тоа како да биде погребан Младиќ ќе реши еден човек – претседателот Александар Вучиќ – пишува германскиот весник „Франкфуртер алемајне цајтунг“ (ФАЦ).
Вучиќ воздржан за прашањето за државен погреб
„Српскиот министер за правда Ненад Вујиќ по смртта на воениот злосторник Ратко Младиќ за еден босанскохерцеговски телевизиски канал изјави: ‘Генералот Младиќ е генерал и протоколот е познат. Она што му припаѓа на Младиќ како генерал сигурно ќе биде испочитувано’.
Таа изјава некои белградски медиуми и политички актери ја протолкуваа како најава за државен погреб. Без оглед на тоа како би бил замислен, јасно е дека во Белград само еден човек одлучува дали државата на кој било начин ќе учествува во погребот: претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Но, тој во почетокот остана воздржан“, пишува ФАЦ.
Објавено е само дека Вучиќ една недела пред смртта на Младиќ писмено му се обратил на Хашкиот трибунал со барање затвореникот, кој очигледно веќе бил на смртна постела, да биде префрлен во болница во Србија. Барањето, сепак, било одбиено.
Младиќ тешко ќе биде погребан во родната Босна
Речиси и да нема шанси Младиќ да биде погребан во Босна, каде што е роден и израснал, пишува понатаму ФАЦ.
Не само што во земјата на неговите најголеми злосторства од политички причини би било невозможно да му се подигне спомен-гроб во негова чест, туку тоа веројатно не би било ниту во согласност со желбите на семејството и покојникот.
Младиќ, според наводите на српските медиуми, наводно сакал да биде погребан покрај својата ќерка, која во 1994 година, на 23-годишна возраст, изврши самоубиство.
Култот на Ратко Младиќ е жив и здрав
Германскиот весник наведува дека во Србија во последните години, најмалку индиректно од страна на државата, бил поттикнуван култот кон личноста на Ратко Младиќ, чии злосторства биле негирани, минимизирани или дури и величани, пишува ФАЦ.
Весникот потсетува на огромниот мурал на една станбена зграда во центарот на Белград, кој, пред да биде отстранет, „со недели бил под заштита на државните институции“, како и дека „еден политичар од врвот на српската држава демонстративно го посетил тоа место“.
Црвена звезда преку црвена линија
Дека политиката од деведесеттите години не е надмината покажала, пишува понатаму ФАЦ, и реакцијата на Црвена звезда. Тимот кој е српски рекордер по бројот на освоени титули, на своите социјални мрежи објави фотографии со натпис: „Генерале, вечна слава и благодарност“.
ФАЦ потоа забележува дека и во дел од Босна и Херцеговина под српска контрола, во Република Српска, се негува култот кон Ратко Младиќ.
„Особено во тоа се истакнува Милорад Додик, кој покажува демонстративна блискост и со рускиот претседател Владимир Путин и со американското движење МАГА.“
Слично како со Милошевиќ
Потоа весникот наведува дека „прашањето пред кое сега се наоѓа Србија е многу слично на она со кое се соочи по смртта на поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, во 2006 година. Тој пред завршувањето на процесот, а со тоа и формално невин, почина од срцев удар во својата затворска ќелија во Хаг“.
„Тогашното раководство, предводено од проевропскиот претседател Борис Тадиќ, се соочи со прашањето каде да биде погребан, а неговиот гроб да не стане место за аџилак на великосрпскиот национализам. Едно време во Белград се разгледуваше можноста проблемот да се ‘извезе’ во Русија. Сопругата и синот на Милошевиќ побегнаа во Москва, па погребот таму се чинеше како логично решение“, потсетува весникот.
„На крајот во Белград било пронајдено поинакво, прилично необично решение: Милошевиќ, со посебно одобрение, бил погребан во за јавноста недостапна градина на семејната куќа во родниот град Пожаревац, југоисточно од Белград“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и заклучува:
„Ратко Младиќ до крајот не се покаја, слично како и речиси сите од 160-те мажи обвинети пред Хашкиот трибунал. Има малку причини да се претпостави дека неговата смрт ќе доведе до отворена српска расправа за злосторствата извршени во деведесеттите години во име на великосрпската политика.“