🎥 СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ЈА СТРЕСЕ ГРАНАДА Оштетени згради и автомобили, стотици повици до итната помош

Нема загинати и повредени, а ниту оштетувања на историскиот комплекс Алхамбра.

80

Силен земјотрес ги погоди Гранада и поширокиот дел на Андалузија во ноќта кон саботата, оставајќи зад себе оштетени фасади, урнати делови од ѕидови и корнизи и автомобили затрупани со градежен материјал. И покрај драматичните снимки што се појавија на социјалните мрежи, нема загинати ниту повредени, потврдија регионалните власти.

Главниот потрес бил регистриран во 1.04 часот на 15 август, со епицентар кај Алхендин, во метрополитенската област на Гранада. Шпанскиот Национален географски институт (IGN) магнитудата ја процени на околу 5 степени, додека во дел од меѓународните извештаи се наведува магнитуда од 5,2. Потресот бил релативно плиток, поради што силно го почувствувале жителите на голем дел од Андалузија.






 

View this post on Instagram

 

A post shared by Elsie Sieara (@_elsie_sieara)

Најмногу материјални штети се пријавени во Гранада и во околните населени места. Паѓале корнизи, делови од фасади и ѕидови, се појавиле пукнатини на објекти, а неколку автомобили биле оштетени од урнатините. Регионалната влада на Андалузија го активираше нивото 1 од планот за вонредни состојби поради сеизмички ризик, а пожарникари, полиција и градежни експерти почнаа проверки на оштетените згради.

Според најновите податоци, службата 112 примила околу 500 повици, а властите соопштија дека засега нема показатели за сериозни оштетувања на носечките конструкции. Земјотресот бил почувствуван во речиси цела Андалузија, а пријави стигнале и од подалечни делови на Шпанија. По главниот удар следувала серија последователни потреси, поради што многу жители од страв извесно време останале надвор од своите домови.

Посебно внимание било насочено кон Алхамбра, најпознатиот историски комплекс во Гранада и една од најпосетуваните туристички атракции во Шпанија. Стручните екипи извршиле проверка на комплексот и не биле откриени оштетувања. Неговото отворање за посетители било само одложено додека траела проверката.

Сеизмолозите предупредуваат дека во наредниот период се очекуваат дополнителни послаби потреси. Властите затоа ја задржаа состојбата на готовност и ги повикаа жителите да не се приближуваат до оштетени фасади, корнизи и ѕидови. Експертите потсетуваат дека пошироката област на Гранада е една од сеизмички поактивните во Шпанија, а земјотрес со слична магнитуда во ова подрачје бил регистриран и во 1955 година.

Поврзани содржини