🎥 ИЛЈАДНИЦИ ФАНОВИ ЈА ИСПРАТИЈА БОНИ ТАЈЛЕР Ковчегот покриен со велшкото знаме се врати во нејзиниот дом

0

Илјадници почитувачи на Бони Тајлер се собраа во велшкото приморско место Мамбалс, во близина на Свонси, за последен поздрав со музичката ѕвезда пред погребот закажан за утре, 17 август. Ковчегот на пејачката, покриен со знамето на Велс, беше пренесен до нејзиниот дом, додека луѓето покрај улиците фрлаа цвеќе и ја пееја нејзината најпозната песна „Total Eclipse of the Heart“.

Бони Тајлер почина на 8 јули во болница во Португалија, на 75-годишна возраст. Претходно, во мај, таа била подложена на итна операција на цревата, а извесно време била и во индуцирана кома. Нејзиното семејство соопшти дека починала како последица на болеста од која се лекувала.






Централното јавно простување од пејачката ќе се одржи в понеделник напладне во катедралната црква „Света Марија“ – Свонси Минстер. Вратите ќе бидат отворени од 11 часот, а покрај семејството и поканетите гости, ограничен број места ќе има и за граѓаните. Церемонијата ќе се пренесува и на екрани пред црквата, како и преку интернет. По неа, погребната поворка ќе помине низ Скивен, местото каде што е родена Тајлер, по што погребот ќе продолжи во најтесен круг на семејството.

Бони Тајлер, родена како Гејнор Хопкинс во 1951 година во Скивен, беше една од најпрепознатливите британски пејачки на својата генерација. Нејзиниот рапав глас стана заштитен знак на светските хитови „It’s a Heartache“, „Total Eclipse of the Heart“ и „Holding Out for a Hero“. Најголемиот успех го постигна во 1983 година со „Total Eclipse of the Heart“, песна која се искачи на врвот на топ-листите и остана еден од најпознатите поп-рок хитови на осумдесеттите години. Во 2013 година ја претставуваше Велика Британија на Евровизија, а во 2022 година доби и одликување MBE (членство во Редот на Британската империја) за заслуги во музиката.

Последното враќање на Тајлер дома во саботата се претвори во големо народно испраќање. Почитувачи пристигнаа и од други делови на Велика Британија и од странство, а пред нејзината куќа беа оставени бројни букети и пораки. Поворката со ковчегот утре повторно ќе им овозможи на жителите на Велс да се простат од пејачката, пред семејството да ја испрати на приватна погребна церемонија.

Поврзани содржини