Драматична снимка од пожар во висококатница во Берлин го обиколи светот – жена заробена на 11. кат, со пламен и густ чад зад себе, морала да скокне од прозорецот во мала пожарникарска корпа поставена два ката подолу. Пожарникарите успеале да ја фатат, а жената го преживеала опасниот скок со полесни повреди.
Пожарот избувнал околу 6:30 часот во петокот на14 август, во 21-катница во берлинскиот кварт Фридрихсхајн, во близина на железничката станица Остбанхоф. Огнот започнал во стан на 11. кат и се проширил на станот над него. Сите жители на зградата биле евакуирани, а пожарникарите успеале да го стават пожарот под контрола за помалку од три часа.
Најтешка била ситуацијата на жената која се појавила на прозорецот додека зад неа се ширеле чадот и огнот. Пожарникарската скала не можела да стигне до 11. кат и корпата била под неа. Пожарникар ја повикувал да скокне, а кога жената се пуштила од прозорецот, спасувачите ја пречекале во корпата. Портпарол на берлинската противпожарна служба спасувањето го опишал како драматично.
За бројот на повредените има различни информации: АП и ДПА првично објавија дека се повредени околу пет лица, додека подоцнежни медиумски извештаи наведуваат 13 полесно повредени. Причината за пожарот засега не е утврдена.