ПЕТОК 13-ТИ ПОВТОРНО Е ТУКА Дали денеска отидовте на работа или решивте да не ризикувате?
Петок 13-ти повторно е на календарот и додека за едни е обичен ден како и секој друг, други токму денес избегнуваат патувања, важни одлуки, започнување нови работи, па дури и излегување од дома. Стравот од него има и посебно име
Можеби избегнувате да отворате чадор во затворен простор или да поминувате под скала на улица. Сето тоа се примери за суеверија – верувања дека ќе се случи нешто лошо, иако за тоа не постои вистинска причина, пишува National Geographic. Но, едно од најпознатите суеверија се однесува на петок 13-ти, кој многумина го сметаат за несреќен ден, а кој нè дочека и денеска (13.ноември).
Овој датум, кој во зависност од календарот може да се појави и до трипати годишно, кај луѓето предизвикува претпазливост или страв. Експертите веруваат дека толку многу луѓе отсуствуваат од работа на петок 13-ти, што тоа ги чини компаниите стотици милиони евра. Иако нема докази дека на овој ден се случуваат повеќе несреќи, луѓето имаат тенденција да обрнуваат поголемо внимание на негативните настани доколку се случат токму тогаш.
Но, зошто луѓето веруваат дека петок 13-ти е несреќен ден? Иако никој не може со сигурност да каже, постојат неколку теории.
Едно од најпознатите објаснувања е поврзано со христијанската традиција и Тајната вечера, на која, според преданието, присуствувале Исус и неговите 12 апостоли. Јуда, кој го предал Исус, традиционално се смета за тринаесеттиот гостин. Петок, пак, е денот на кој се случило распнувањето на Исус Христос. Со текот на времето, овие две верувања се поврзале и придонеле бројот 13 и петокот да добијат лоша репутација.
Постои и приказна од нордиската митологија за божествена гозба на која непоканетиот Локи пристигнал како тринаесетти гостин. Неговото доаѓање, според легендата, довело до смртта на богот Балдр. Оваа приказна често се наведува како уште едно можно објаснување за лошата слава на бројот 13.
Во популарните објаснувања се споменува и петок, 13 октомври 1307 година, кога по наредба на францускиот крал Филип Четврти биле уапсени припадници на витешкиот ред Темплари. Сепак, не постои потврда дека токму овој историски настан го создал суеверието.
Луѓето кои имаат ирационален страв од петок 13-ти може да страдаат од состојба позната како трискаидекафобија, односно страв од бројот 13. Зборот потекнува од старогрчкиот јазик и значи „страв од бројот 13“.
Интересно е што петок 13-ти не се смета за несреќен ден во сите култури. Во Италија, на пример, лоша репутација има петок 17-ти, додека во некои земји, меѓу кои Грција и Шпанија, несреќен се смета вторник 13-ти. Во Кина, пак, за особено неповолен се смета бројот четири.
Иако суеверието опстојува со векови, нема научни докази дека петок 13-ти носи повеќе несреќи од кој било друг ден. Психолозите објаснуваат дека кога однапред очекуваме нешто лошо, поголема е веројатноста да ги забележиме непријатните случки и да ги поврземе токму со датумот.
Оваа година петок 13-ти се падна трипати – во февруари, март и сега, во ноември. Следниот таков датум ќе биде дури на 13 август 2027 година. А дотогаш, за оние што веруваат во суеверија, останува прашањето: дали денеска сепак отидовте на работа?