НОВАТА ВЛАСТ ВО СРБИЈА ДОПРВА ТРЕБА ДА НАУЧИ КАКО СЕ ВОДИ ДРЖАВА Ректорот Ѓокиќ за предизвиците на идната влада на „Студентската листа“
Преземањето одговорност за управување со државата подразбира познавање на институциите, административните процедури и начинот на функционирање на извршната власт – посочи ректорот на белградскиот универзитет.
Ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ, во емисијата „Прав агол“ на Радио-телевизија Војводина изјави дека е неизвесно како ќе биде формирана новата влада на Србија, но и како луѓето кои досега немале политичко искуство ќе ги извршуваат функциите што ќе им бидат доверени.
Одговарајќи на забелешките дека едно е да се биде универзитетски професор, а сосема друго да се составува влада и да се води меѓународна политика, Ѓокиќ потврди дека постои суштинска разлика меѓу тие две работи.
– Точно е тоа. Неизвесно е како ќе биде формирана оваа нова влада, но и како носителите на власта, кои досега немале политичко искуство, ќе можат да ги реализираат задачите за кои ќе бидат задолжени – рече Ѓокиќ.
Ректорот посочи дека преземањето одговорност за управување со државата подразбира познавање на институциите, административните процедури и начинот на функционирање на извршната власт. Поради тоа, новите функционери ќе мора да поминат низ период на приспособување.
– Секако, ќе биде потребно одредено време за да се запознаат со начинот на функционирање на државниот апарат, на целиот систем на работа на владата, но и на другите општествени активности – наведе Ѓокиќ.
Тој притоа јасно направи разлика меѓу академското и политичкото, односно управувачкото искуство, оценувајќи дека недостигот од претходно искуство во извршувањето државни функции ќе биде предизвик при формирањето и почетокот на работата на новата влада.