ЌЕ ВОЗАТ НА СРЕДИНА НА ЛЕНТАТА, ВОЗИЛАТА ЌЕ ГИ ПРЕТЕКНУВААТ СО НАМАЛЕНА БРЗИНА Нови правила за заштита на велосипедистите во Шпанија
Велосипедистите ќе можат да се движат по средината на својата сообраќајна лента, наместо задолжително да се држат до самиот раб на коловозот, а возачите зад велосипедист во иста лента ќе мора да одржуваат најмалку 5 метри растојание.
Од 1 октомври 2026 година во Шпанија стапуваат во сила нови сообраќајни правила со кои се зголемува заштитата на велосипедистите и другите ранливи учесници во сообраќајот.
Новите правила се однесуваат само на Шпанија, а тврдењата што се шират на социјалните мрежи дека станува збор за единствени нови правила што се воведуваат во повеќе земји на Европската Унија се неточни.
Шпанската реформа предвидува возачите при претекнување велосипедист на меѓуградски пат да ја намалат брзината за најмалку 20 километри на час под максимално дозволената брзина. На пример, ако ограничувањето на патот е 90 километри на час, возачот при претекнување велосипедист не смее да се движи побрзо од километри на час. Доколку патот има две или повеќе коловозни ленти во иста насока, возачот ќе мора целосно да премине во соседната лента и да му отстапи лента на велосипедистот и понатаму ќе мора да одржува најмалку 1,5 метар странично растојание.
Новина има и во градовите. Велосипедистите, како општо правило, ќе можат да се движат по средината на својата сообраќајна лента, наместо задолжително да се држат до самиот раб на коловозот. Возачите зад велосипедист во иста лента ќе мора да одржуваат најмалку 5 метри растојание. Во еднонасочни улици со една лента и ограничување до 30 километри на час локалните власти ќе можат, со соодветна сигнализација, да дозволат велосипедистите да се движат во двете насоки.
Се менуваат и правилата за заштитната опрема. Во Шпанија се укинуваат досегашните исклучоци од задолжителното носење кацига на велосипед на меѓуградските патишта. За професионалните велосипедисти, односно лицата кои работат возејќи велосипед, кацигата станува задолжителна и во урбаните средини. За нив во одредени ситуации е предвиден и рефлектирачки елек.
Реформата не се однесува само на велосипедистите. Новите шпански правила воведуваат и минимална возраст од 15 години за управување со електрични тротинети, задолжителна кацига и други мерки за нивна поголема безбедност.
Во сообраќајните правила за првпат се воведува и посебна категорија „ранливи учесници во сообраќајот“, во која се опфатени пешаците, велосипедистите, мотоциклистите и корисниците на возила за лична мобилност.