ПРВ ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК ВО ШПАНИЈА ПО 14 ГОДИНИ Блокирани патишта, откажани возови и 52 приведени
На 24-часовен прекин на работата беа повикани околу 19 милиони вработени во јавниот и во приватниот сектор. Синдикатите бараат повисоки плати, достапно домување и подобри јавни услуги. Во подготовката на протестот учествуваше и здружението на станари, кое организираше протести против иселувањата и високите кирии
Генералниот штрајк во Шпанија денеска блокираше патишта, го наруши железничкиот сообраќај и запре дел од индустриското производство. Во повеќе градови полицијата интервенираше против штрајкувачите, а шпанската јавна телевизија РТВЕ објави дека се приведени 52 лица, од кои 15 во Мадрид.
Во Барселона, штрајкувачите од рано утро ги блокираа главните патни приоди кон градот, а нарушувања имаше и на приградските железнички линии. Во Мадрид, демонстрантите блокираа делови од обиколницата М-30. Железничкиот оператор Ренфе соопшти дека на ниво на целата земја се откажани 24 отсто од поаѓањата на брзите возови АВЕ и на другите возови на долги релации.
На големопродажниот пазар Меркамадрид полицијата употреби бибер-спреј, по што најмалку 13 лица добија медицинска помош, објави РТВЕ. Полициски интервенции имаше и кај гаражите на градските автобуси во Мадрид и во Малага. Двата најголеми синдиката, Работнички комисии (CCOO) и Генералниот сојуз на работниците (UGT), најавија правни постапки поради полициското постапување.
На 24-часовен прекин на работата беа повикани околу 19 милиони вработени во јавниот и во приватниот сектор. Синдикатите бараат повисоки плати, достапно домување и подобри јавни услуги. Во подготовката на протестот учествуваше и здружението на станари, кое организираше протести против иселувањата и високите кирии.
Синдикатите го оценија штрајкот како успешен, со различен одѕив по региони и дејности. Според нивните проценки, одѕивот во пристаништата и во автомобилската индустрија достигнал 90 отсто, а производството запрело во фабриката на „Сеат” во Марторељ. Регионалната влада во Мадрид соопшти дека во јавниот сектор под нејзина надлежност штрајкувале 9,6 отсто од вработените.
Ова е прв генерален штрајк што двата најголеми шпански синдиката го свикаа заедно од 2012 година, кога работниците протестираа против мерките за штедење на владата на Маријано Рахој. Денешниот штрајк се одржа два дена пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори закажани за 29 ноември.