Инвазија на глупаци
Денес, не само на „мрежата“, сите станаа стручњаци за знаме, грб, химна, спотови…, за одобрување – или не – на уметнички трансформации на овие и други државни симболи. Особено оние шутраци кои без секунда размислување врескаат „Бугари во Устав“, потпишуваат секакви договори, дури и вечни и коишто никој не смее ни да се обиде да ги смени, ама ова им е демек сквернавење. Каква лакрдија од луѓе-тупаци!
Некој веројатно во насловот ќе ја препознае парафразата на позната изрека на Умберто Еко за интернетот. Јас пак се амбицирав да го „ублажувам“ Еко небаре тој нешто згрешил кога рекол дека интернетот е „инвазија на идиоти“ односно „дава простор на орди идиоти да го изнесат своето мислење“. Но она што зачудува е зошто Еко зборот мислење не го ставил во наводници? Белки не мислел дека тие орди навистина оперираат со некакво мислење?
Како и да е, светот, но и Македонија одамна ја потврдува мислата на Еко. Не само за интернетот, не можете од таа констатација да ги исклучите и медиумите. Но за тоа во следната прилика.
Денес, не само на „мрежата“, сите станаа стручњаци за знаме, грб, химна, спотови…, за одобрување – или не – на уметнички трансформации на овие и други државни симболи. Особено оние шутраци кои без секунда размислување врескаат „Бугари во Устав“, потпишуваат секакви договори, дури и вечни и коишто никој не смее ни да се обиде да ги смени, ама ова им е демек сквернавење. Каква лакрдија од луѓе-тупаци! Најголемиот дел од нив во животот ниту влегле на некоја изложба да видат што е тоа уметност и дали можеби се мачка на леб или пак да отвореле некоја книга па да видат што работи светот, но стриктно забрануваат креативно посегање по, за нив, (божем) светите симболи коишто веднаш зад аголот ги продаваат за бадијала! Во секој од нив клечи некој мал Сталин или Жданов и мирно чека да скокне кога ќе затреба.
И скока. Во секоја прилика кога ќе добие наредба „од горе“ или од малиот мозок. Оние кои го немаат – ја прашуваат вештачката интелигенција. Таа ќе им кажела што е што и кои сме ние! Господ да чува и да брани.
Скокаше пред некоја година за Ѓоковиќ и неговиот став за вакцините (што после скандалот со оној идиот Фаучи се покажа оправдан), урлаа по „Тома“ и славењето на „кичот“ (ама сечат вени за Харис Џиновиќ), сега и по Нолан и „Одисеј“ (зашто не ги погодил баш нивните „визии“ за митот, но за „Опенхајмер“ молчеа, им се допаѓаше уништувањето) итн. Сега им дојде под рака спотот и знамето. Утре којзнае што, и кој. Ждановчињата сега ги бројат краците на сонцето на сценски изведби и веднаш трчаат на интернет да кренат галама, бараат дури и кривични пријави за уметниците, судијата викан вештачка интелигенција, во недостиг на нивната лична, ќе пресуди за спотот итн.
Веќе имаат и цензори кои го следат секој збор на „мрежата“ и свират на узбуна, утре ќе задолжат слични будали да читаат сѐ што се објавува од нивните „непријатели“… Кого ли ќе обвинат и ќе му стегнат кривична за затемнувањето на Сонцето пред некој ден?
Не се може надвор од сопствената простачка соцреалистичка кожа, нели! И веќе на првата кривина плукаат по недемократска држава, по криминална власт, пцујат претседателка на држава и премиер…, ама краците на сонцето се – неприкосновени.
Некои сакаат тоа да го наречат демократија и човекови права: секој токмак не само да има право да каже што мисли, што и не е спорно, туку дури и да мисли дека неговото мислење другите мора да го земат предвид и за најсензитивните државни работи. И да постапуваат според неговите инструкции инаку тој ќе се налути и ќе пишува по социјалните мрежи каква ненародна власт имаме, ќе бара одговорност и ќе протестира зошто никој не го зема неговото „мислење“ за сериозно итн.
Една земја е исправена онолку колку што е исправена нејзината култура. Зашто колку што е исправена културата, толку е исправен духот на земјата – на секој поединечен граѓанин и на сите заедно. А кога културата е исправена, тоа значи дека е исправено и образованието, економијата, здравството, социјалата…
Токму затоа кај нас културата е клекната – и државата со неа! – затоа што сите „фактори“ што ја потпираат се претходно паднати на колена. И тој процес е започнат одамна, сега само „ги уживаме“ неговите плодови! Го започнаа, како и обично, коекакви сезнајковци, самопрогласени уметници и теоретичари, политиканти како „мецени“ и поддржувачи на културата…, а потоа веќе беше полесно: прво културата се гетоизираше на македонска и албанска, а потоа одвнатре се фрактализираше на „државна“ и „независна“ култура, кои пак понатаму се доуситнија на групи и групички, кланови и кланчиња, пријателчиња вакви и онакви…, И секој си „најде“ – или узурпираше – свој простор за своите „уметници“, за своите поддржувачи, за своите пријатели и истомисленици.
Ама затоа „фолозофчиња“ ќе ни кажат дека културата била заедничко добро!? Како заедничко кога ја испарцелисаа како вистински катастар-мајстори? Културата дејствувала критички? Како, и кога? Само против измислените идеолошки непријатели и кога „некои други“ се на власт?
И секогаш и за сѐ се има „објаснување“, а најчесто дека, наводно, јавните институции биле троми и ретроградни. А демек тие се агилни и прогресивни! Каква ординарна лага ни продаваа(т), просто човек да не верува дека им поминува! Па ние, односно некои како нив, успеаја да избркаат и еден Џон Малкович зашто, демек, сакал нешто да „ушиќари“ во Македонија. Она што тие го разграбаа низ деценииве – не се смета. Тие беа наши, овој беше – друг! Фактот дека Хрватска му ги отвори вратите можеби ни кажува нешто. Можеби. Иако нема кој тоа да го анализира.
Сега најмалку е во краците на сонцето или во темната страна на месечината, туку во распределбата на буџетските средства и крајните корисници на истите. Зошто едни, но не други. Но кога тие другите „цицаа“, не мислеа на овие денешниве, нели!? И сѐ така со децении: едните горе, другите долу, и обратно. А ние очекуваме култура, уметност…!?
И потоа тоа ѓубре се истура на „мрежата“, а таа трпи – сѐ!
Извор: Теодосиевски уметност