НЕЗАБОРАВНА ВЕЧЕР СО СТЕФАН МИЛЕНКОВИЌ И „ПРОФУНДИС“ Врвни интерпретации под свеќи пред „Света Софија“

Миленковиќ, кој е миленик на фестивалската публика на „Охридско лето“ и овојпат ја покажа својата виртуозност над виолината со која владее уште од неговата најрана детска возраст.

38

Во преполното предворје на црквата „Света Софија“, светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“ приредија незаборавна музичка вечер која ја одбележаа врвни интерпретации, силни емоции и извонредна атмосфера. Концертот се одржа во рамки на програмата на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Сцената, внимателно уредена и осветлена со стотици свеќи, создаде посебен амбиент кој совршено ја надополни музичката програма и на публиката ѝ понуди несекојдневно аудиовизуелно доживување.






На програмата беа изведени „Серенада за гудачи“ оп. 48 од Петар Илич Чајковски, „Возлет на чучулигата“ од Ралф Вон Вилијамс, „Интродукција и Рондо капричиозо“ од Камиј Сен-Санс, како и виртуозната „Кармен“ фантазија оп. 25 од Пабло де Сарасате, едно од најсложените и највпечатливи дела во виолинската литература, кое бара исклучителна техничка подготвеност и уметничка зрелост.

Стефан Миленковиќ, фото: Охридско лето

Под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, Миленковиќ уште еднаш ја потврди својата репутација на еден од најистакнатите виолинисти на денешницата. Со сигурност, прецизност и длабока музикалност тој ја воодушеви фестивалската публика, која со долги аплаузи и овации ја наградуваше секоја негова изведба.

Миленковиќ, кој е миленик на фестивалската публика на „Охридско лето“ и овојпат ја покажа својата виртуозност над виолината со која владее уште од неговата најрана детска возраст.

– Секогаш со големо задоволство настапувам со „Профундис“. Тоа е оркестар со извонреден квалитет, но пред сè, со исклучителна енергија, карактер и ентузијазам. Секогаш сум среќен кога повторно доаѓам на „Охридско лето“. Овој фестивал има посебно место во моето срце, а охридската публика секогаш ме пречекува со голема топлина и љубов. Вистинско задоволство е повторно да се биде дел од оваа прекрасна фестивалска атмосфера – вели Миленковиќ.

Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година од страна на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Во него членуваат некои од најистакнатите македонски инструменталисти од повеќе различни генерации. Идејата на „Профундис“ е да се создаде висококвалитетен професионален  ансамбл кој покрај изведбите на капитални дела, ќе поставува праизведби на дела од современи автори од класичната музика, да биде во функција на македонските врвни изведувачи, како и на македонските современи автори, да носи светски имиња од светот на класичната музика како солисти и да ги поместува границите на креативноста како во смисла на изведбата, така и во смисла на сценскиот настап.

Поврзани содржини