📽️ „ЖИВА ГРМУШКА“ ДЕМНЕШЕ НЕСОВЕСНИ ВОЗАЧИ Маскиран полицаец напиша 74 казни за шест часа
Полицијата во Њу Џерси организираше необична акција против користењето мобилни телефони зад воланот, при што за само шест часа беа санкционирани 74 возачи.
Полицаец во американската сојузна држава Њу Џерси се маскирал во зелена грмушка за да ги открие возачите кои за време на возењето пишуваат пораки, пребаруваат на интернет или разговараат на мобилен телефон.
Полициската управа на Данелен на социјалните мрежи објави фотографии од својата необична „специјална единица“. На нив се гледа полицаец облечен во маскирно одело што наликува на зелена грмушка, со двоглед во рацете.
„Дали денес ја забележавте нашата ‘грмушка’? Ако погледот ви беше насочен кон телефонот, веројатно не сте ја забележале“, напишаа од полицијата.
Како што објаснија, акцијата била спроведена во фреквентен дел од центарот на градот, низ кој секојдневно минува голем број возила и пешаци.
За само шест часа биле изречени 74 казни на возачи кои користеле мобилен телефон додека управувале со возило.
Од полицијата упатија апел до граѓаните да не го користат телефонот додека возат.
„Нека ова ви биде потсетник, пораката или известувањето можат да почекаат. Гледајте го патот, а не во екранот“, порачаа од полицијата.
Според важечките прописи во Њу Џерси, казните за користење мобилен телефон зад волан започнуваат од 200 долари, а за повеќекратни прекршители можат да достигнат и 600 долари.
Возачите кои трипати ќе го повторат истиот прекршок може да останат без возачка дозвола во период до 90 дена.