📽️ ЦРВЕН АСФАЛТ ГИ ШОКИРА ВОЗАЧИТЕ Не е декорација, туку паметно решение што спасува животи
Необичниот црвен асфалт во индискиот резерват за тигри има задача да ги успори возачите, да спречи судири со диви животни и да ја зголеми безбедноста на патиштата.
Возачите кои минуваат низ дел од индиската сојузна држава Мадја Прадеш ги пречекува необична глетка – делници од патот обоени во интензивна црвена боја, што од далечина потсетуваат на огромна црвено-црна шаховска табла.
Сепак, не станува збор за украс или уметничка инсталација, туку за ново сообраќајно решение чија цел е да ја намали брзината на возилата и да ги заштити дивите животни на патот што минува низ резерватот за тигри Вирангана Дургавати.
Црвените ознаки се поставени на ридскиот дел од државниот пат „NH-45“, помеѓу градовите Бопал и Џабалпур. На критична делница долга околу два километри, врз асфалтот е нанесен црвен термопластичен материјал со дебелина од пет милиметри, распоредена во големи правоаголници.
Впечатливата боја јасно им сигнализира на возачите дека влегуваат во чувствителна зона, додека благо издигнатата површина создава лесни вибрации и звук при минување на возилата. Намерата е возачите природно да ја намалат брзината, без класични „лежечки полицајци“ или нагло сопирање.
Проектот беше претставен кон крајот на 2025 година, но повторно го привлече вниманието откако индиските власти најавија дека ваквите црвени делници би можеле да станат стандард на патиштата што минуваат низ шумски и еколошки чувствителни подрачја.
Една од нивните најголеми предности е што не бараат раскопување на постојниот коловоз, не го нарушуваат системот за одводнување, создаваат помалку бучава од класичните вибрациски ленти и можат лесно да се одржуваат или да се отстранат доколку се најде поефикасно решение.
Но, црвениот асфалт е само дел од многу поширок проект. Во рамките на реконструкцијата на речиси 12 километри пат низ резерватот изградени се 25 подземни премини за диви животни.
Покрај патот се поставени заштитни огради што треба да ги спречат животните да истрчаат пред возилата и да ги насочат кон безбедните премини. На мостовите и премините се инсталирани камери за следење на движењето на животните, додека дополнителното осветлување функционира со соларна енергија.
Потребата од вакви решенија е голема. Според податоците што ги објавува Економик тајмс, во текот на 2024 година на индиските патишта што минуваат низ шумски подрачја загинале 582 диви животни, додека една година претходно биле регистрирани 508 вакви случаи.
View this post on Instagram
Проблемот дополнително се зголемува кога старите дволентни патишта се прошируваат на четири ленти, бидејќи се зголемуваат и брзината на возилата и густината на сообраќајот, додека природните миграциски рути на животните остануваат непроменети.
Индиските власти тврдат дека во првите шест месеци од функционирањето на пилот-проектот не е регистрирана ниту една сообраќајна несреќа со смртни последици на оваа делница. Сепак, нагласуваат дека ќе биде потребен подолг период за да се процени неговата вистинска ефикасност.
Доколку резултатите останат позитивни и се потврди дека црвениот асфалт навистина ги успорува возачите и го намалува бројот на прегазени животни, ваквата практика наскоро би можела да стане вообичаена на многу индиски патишта.