МАЛОЛЕТНИК НА ТРОТИНЕТ ВО ХРВАТСКА МОЖЕ СКАПО ДА ГО ЧИНИ РОДИТЕЛОТ Земјата заострува и други сообраќајни правила
Министерот за внатрешни работи на Хрватска најави остри законски измени со кои се зголемуваат казните за нелегални трки, некористење појаси, опасно паркирање и возење електрични тротинети од страна на малолетници.
Родителите во Хрватска би можеле да платат од 1.000 до 3.000 евра доколку им дозволат на деца помлади од 14 години да возат електрични тротинети. Ова е една од најстрогите мерки во предложените измени на Законот за безбедност на сообраќајот, кои ги претстави хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ.
Новите правила предвидуваат и задолжителна регистрација и обележување на електричните тротинети, додека казните за неносење кацига и недозволено возење ќе изнесуваат 100 евра.
– Родителската одговорност не завршува со купувањето тротинет, туку започнува токму тогаш – предупреди Божиновиќ.
Министерот нагласи дека електричните тротинети станале дел од секојдневието, но дека нивното неодговорно користење претставува сериозна опасност.
Значително построги казни се предвидени и за нелегалните автомобилски трки, дрифтањето и опасните маневри што се снимаат за социјалните мрежи.
За ваквите прекршоци се предлагаат казни од 2.000 до 5.000 евра, затвор до 60 дена, одземање на возилото и забрана за управување.
– Популарноста на социјалните мрежи не може да биде изговор за загрозување на нечиј живот на патиштата – порача министерот.
Предложените измени предвидуваат и зголемување на казната за некористење безбедносен појас и непрописен превоз на деца, од 130 на 200 евра.
Казната за неправилно обезбеден товар што ја загрозува безбедноста ќе порасне од 30 на 300 евра. Истата сума е предвидена и за опасно паркирање што блокира улици, тротоари или пристап на итните служби.
Божиновиќ потсети дека минатата година на хрватските патишта загинале 261 лице, односно 22 повеќе отколку во 2024 година.