КРОКОДИЛИТЕ НЕМА ДА ЧУВААТ ЗАТВОРЕНИЦИ Израелски суд му кажа „не“ на контроверзниот план на Бен-Гвир
Израелскиот суд привремено ја стопираше идејата околу затворот „Кезиот“ да биде изграден ров со крокодили, откако организации за заштита на животните предупредија дека проектот е нехуман и неизводлив.
Израелски суд привремено го блокираше планот на министерот за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, околу затворот „Кезиот“ во пустината Негев да биде изграден ров со крокодили како дополнителна заштита од можни бегства.
Контроверзниот предлог предвидувал крокодилите да служат како „жива безбедносна бариера“ околу затворот, во кој голем број палестински затвореници издржуваат затворски казни.
Меѓутоа, идејата наиде на силни критики од безбедносни експерти, зоолози и организации за заштита на животните, кои оценија дека проектот е и неизводлив и нехуман.
Според експертите, крокодилите се ладнокрвни животни кои при ниски температури стануваат неактивни и влегуваат во состојба на летаргија. Со оглед на тоа што ноќите во пустината Негев се многу студени, тие не би можеле да ја извршуваат улогата што им е наменета.
Организацијата за заштита на животните „Дозволете им на животните да живеат“ поднесе тужба, наведувајќи дека користењето крокодили за безбедносни цели ги прекршува законите за благосостојба на животните, бидејќи тие би биле држени во несоодветни услови и изложени на стрес и опасност.
Судот ја прифати жалбата и донесе привремена мерка со која се запира реализацијата на проектот сè до одржување на целосна судска расправа и добивање мислења од надлежните институции за животна средина и правосудство.
Министерот Бен-Гвир, кој важи за еден од најконтроверзните членови на израелската Влада, досега неколкупати предизвика реакции во јавноста со своите предлози поврзани со безбедносната политика.
КРОКОДИЛИ ЌЕ ГИ ЧУВААТ ПРИПАДНИЦИТЕ НА ХАМАС Израел копа ровови околу затворски комплекс