ГОСТИВАРЦИ СЀ УШТЕ НЕМААТ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ Тошковски најави почести анализи во Гостивар

Министерот Панче Тошковски соопшти дека анализите на водата ќе се вршат почесто, а граѓаните ќе бидат известени кога три последователни испитувања ќе потврдат дека водата е безбедна за пиење.

46

Водата од градскиот водовод во Гостивар сè уште не е безбедна за пиење и граѓаните треба да продолжат да ја користат исклучиво како техничка вода, изјави попладнево министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по состанокот на Главниот штаб за управување со кризи.

Тој информираше дека на состанокот било договорено следните анализи на водата да се спроведуваат почесто, односно да се зголеми зачестеноста на мерењата на квалитетот на водата од страна на повеќе надлежни институции.






– Штом добиеме три последователни анализи што ќе потврдат дека водата е исправна за пиење на сите мерни точки во градот, ќе ги известиме граѓаните дека може безбедно да ја користат и за пиење, а не само како техничка вода, како што е случајот сега – изјави Тошковски.

Министерот посочи дека ќе продолжи и дистрибуцијата на флаширана вода за пиење за жителите на Гостивар.

Тој соопшти дека во изминатите денови во градот биле доставени околу 580.000 литри вода за пиење, обезбедени од Владата, општествено одговорни компании и повеќе општини.

Тошковски нагласи дека институциите остануваат на терен и ќе продолжат со засилен мониторинг сè додека анализите не потврдат дека водата е целосно безбедна за употреба.

До стабилизирање на состојбата, тој додаде дека продолжува доставата на флаширана вода до граѓаните, истакнувајќи дека од страна на Владата досега се доставени околу 580.000 литри, а дополнителни количини обезбедуваат и општествено одговорни компании и општини.

Тошковски апелираше до граѓаните во наредниот период максимално да ја испуштаат водата од чешмите во нивните домови со цел побрзо прочистување на примарните и секундарните цевководи, додавајќи дека во моментов се врши хиперхлорирање до максимално дозволеното законско ниво.

– Хлор сега има до крајните корисници, на сите точки коишто се преземаат и се користат како мерни единици за контрола, е утврдено присуството на хлор и тоа е добро во рамки на фазата на прочистување, да речеме, на резервоарите – појасни Тошковски.

Во однос на бактериолошката состојба, на прес-конференцијата беше посочено дека во одреден број примероци е констатирана бактеријата „Proteus mirabilis“, која најчесто се јавува во биофилмот во самиот водоводен систем од стоена вода, поради претходно некористење на водата ниту за пиење, ниту како техничка.

На новинарско прашање за наводите дека пациенти од гостиварската болница се префрлуваат во Тетово поради неможност за стерилизација на опремата, Тошковски одговори дека ќе ја провери информацијата, но дека според неговите досегашни сознанија, болницата е целосно оперативна.

– Немам добиено информација дека недостасуваат било каков тип на материјали или било каков тип на, не знам, услови коишто се нужни за да може да функционира во рамки на капацитетот што го употребува – посочи министерот.

Околу прашањето надвор од темата за присуството на двајца бугарски пратеници на судење во Кочани и покрај забраната за влез во државата, Тошковски истакна дека во моментов нема детали за случајот и ги упати новинарите писмено да се обратат до Министерството за внатрешни работи.

Поврзани содржини