УШТЕ ГОРИ ВО КАВАДАРЕЧКО Пожарот е намален, но не е изгаснат

Ангажирани се повеќе екипи за гаснење на пожарите во реонот на селото Раец и помеѓу селата Дреново и Ќесендре.

189

Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека до 07:30 часот утрово се регистрирани 29 пожари на отворен простор, од кои два се активни, а 27 се изгаснати.

Активни се пожарите во Општина Кавадарци помеѓу селата Раец и Ќесендре, каде гори нискостеблеста шума и ниска вегетација, како и во Општина Прилеп на улицата Дебарска, на местото викано Теке (депонија). Другите три правци се изгаснати.






Од 06 часот утрово, пожарот во Општина Кавадарци се гасне со повеќе екипи кои интервенираат на два правца. Пожарот на потегот меѓу селата Дреново и Ќесендре го гасне со екипа на ЈП „Комуналец“ – Кавадарци составена од 1 цистерна, 1 скип и 2 вработени, екипа на МВР со 1 џип, 1 пинцгауер и 4 вработени, екипа на ЈПНШ – подружница „Бор“ Кавадарци со 1 камион, 1 џип и 4 вработени и екипа на ТППЕ Кавадарци со 2 пинцгауери, 1 „лада нива“ и 8 пожарникари.

Пожарот во реонот на селото Раец го гаснат екипи на ЈП „Комуналец“ – Кавадарци со 1 цистерна за вода, 1 скип и 2 вработени, екипа на ТППЕ Кавадарци со 1 противпожарно возило и 5 пожарникари; четворица пожарникари од ТППЕ Неготино со 1 џип и 4 вработени од МВР.

Фото: ЦУК

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев синоќа соопшти дека гаснењето ќе се одвива и во текот на ноќта.

„Се вложуваат максимални напори за локализирање и отсекување на огнената линија, со цел да се заштити секој објект и да се спречи понатамошно ширење на пожарот. Активностите ќе продолжат непрекинато до раните утрински часови, кога се очекува дополнителна поддршка од воздух. Благодарност до сите служби, институции, доброволци и граѓани кои несебично се борат со огнената стихија и го даваат својот максимум за заштита на луѓето и имотот“, напиша синоќа Јанчев на Фејсбук.

За гаснење на пожарот во Квадаречко ангажирани беа две цистерни од ЈП „Комуналец“ со двајца возачи, две противпожарни возила од ТППЕ Неготино со шест пожарникари, булдожер со возач, од ТППЕ Кавадарци: два унимог возила, четири пинцгауер возила, едно џип возило и 17 пожарникари, екипа од Дирекцијата за заштита и спасување со четири лица и едно теренско возило,
дел од месното население, кое активно помага во справувањето со пожарот, амбулантно возило со доктор, стационирано во селото Дреново, како превентивна мерка за здравствена заштита на жителите.

Поврзани содржини