ОВА Е НАПАД ВРЗ КАВАДАРЦИ Јанчев бара одговорност за подметнувачите на пожарот на депонијата

Станува збор за пожар кој, според досегашните сознанија и начинот на неговото избивање, покажува сериозни индиции дека е подметнат. Ова не е само напад врз депонијата, ова е напад врз градот, граѓаните и животната средина, објави градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

13

На депонијата „Мелци“ продолжува интензивната интервенција по вчерашниот пожар. Екипите ќе работат се додека не биде изгаснат и последниот жар и не се создадат услови за целосно ставање на пожарот под контрола, соопшти доцна синоќа кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

„Станува збор за пожар кој, според досегашните сознанија и начинот на неговото избивање, покажува сериозни индиции дека е подметнат. Ова не е само напад врз депонијата, ова е напад врз градот, граѓаните и животната средина“, објави Јанчев на Фејсбук.

Тој истакна дека надлежните институции мора да го истражат случајот до крај.

„Оние кои намерно го загрозуваат здравјето и безбедноста на граѓаните, мора да одговараат“, додаде кавадаречкиот градоначалник.

Поради пожарот, синоќа беше одржана итна седница на Кризниот штаб, со кој раководеше градоначалникот. На состанокот присуствувале претставници од Советот на Општината, ОВР Кавадарци, ТППЕ Кавадарци, ЈП „Комуналец“, „Мој општинар“ и општествено одговорни компании.

На седницата било заклучено интервенцијата да продолжи, при што дополнителна поддршка ќе обезбедат приватни компании од Кавадарци со сопствена механизација. Акцијата на терен ја координираат ТППЕ Кавадарци и ЈП „Комуналец“.

Кризниот штаб продолжува непрекинато да ја следи состојбата на депонијата и текот на интервенцијата.

Пожарот избувна вчера попладне и веднаш почна да го гаснат пожарникарите од Кавадарци, поддржани од екипите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Огнот во еден момент излезе надвор од границите на депонијата, но со брза и ефикасна реакција на противпожарните тимови беше брзо совладан, со што беа успешно заштитени околните лозови насади.

– Пожарникарите цело попладне истураат тони вода врз опожарената површина. За поголем ефект, ангажирани се и два БТР-а на ДЗС, чии водени топови со домет од околу 100 метри континуирано делуваат врз жариштето. Иако пожарот е делумно изгаснат, во внатрешноста на депонијата сè уште има согорување од кое се создава чад. Бидејќи гаснењето само со вода не ги дава посакуваните резултати, започнат е процес на постепено затрупување на депонијата со земја – рече синоќа директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Поврзани содржини