ЌЕ СЕ ОБНОВУВААТ 1,5 КИЛОМЕТРИ ОД „ЕСТАКАДА“ Еден од најважните мостови во Скопје добива нов лик

Проектот опфаќа реконструкција на 10.000 квадратни метри пристапни рампи, нов асфалт на мостот, нови тротоари, замена на шахти и рабници, како и санација на пешачката ограда.

978

Почна санацијата на мостот „Естакада“, еден од најфреквентните влезови и излези од Скопје, преку кој секојдневно поминуваат илјадници возила. Со реконструкцијата треба да се подобри безбедноста и проточноста на сообраќајот на оваа важна градска сообраќајница.

Од Град Скопје информираат дека проектот опфаќа реконструкција на пристапните рампи на површина од 10.000 квадратни метри. Предвидено е гребење на постојниот асфалт и поставување два нови асфалтни слоја, а нов асфалт ќе добие и самиот мост.






Во рамки на градежните работи ќе бидат заменети рабниците и капаците на шахтите, ќе се изградат нови асфалтни тротоари, а заштитната пешачка ограда ќе биде исчистена, санирана и повторно обоена.

Вкупната должина на коловозот што ќе биде реконструиран изнесува околу 1,5 километри.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека станува збор за инвестиција во побезбедна и поквалитетна патна инфраструктура.

– Со реализацијата на овој проект вложуваме во безбедноста, подобрата поврзаност и поквалитетното секојдневие на илјадници наши сограѓани. Скопје заслужува модерна, безбедна и функционална инфраструктура. Затоа ќе продолжиме со санација и реконструкција на сите мостови во градот каде што е потребно – изјави Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини