Поуките од Утоја и пораст на расизмот во Европа

Во однос на имигрантите од Балканот во Западна Европа, се укажува дека тие се изложени на специфична форма на дискриминација, често наречена „културен расизам“, кој главно се заснова на предрасуди за потеклото, етничката припадност, презимето и религијата, отколку на бојата на кожата.

63

Расизмот е во пораст во Европа. Петнаесет години по масакрот што во терористички напад на островот Утоја во Норвешка го изврши Андерс Беринг Брејвик, се забележува зголемување на бројот на лица кои се инспирираат од него. Според норвешката служба за државна безбедност, ПСТ, заканата од десничарскиот екстремизам е поголема денес отколку во 2011 година кога Брејвик ги изврши своите терористички акти. Меѓу другото, младите луѓе денес наоѓаат инспирација на онлајн форумите каде што, според ПСТ, гротескното насилство е измешано со хумор, мемиња и референци на игри и популарна култура.

Масакрот во Норвешка на 22 јули 2011 година е најсмртоносниот терористички напад во земјата по Втората светска војна, во кој десничарскиот екстремист Брејвик уби 77 луѓе. Тој започнал со детонирање на автомобил-бомба во владината четврт во Осло, при што загинаа 8 лица. Веднаш потоа се упатил кон островот Утоја каде што пукал во учесниците на летниот камп на Лабуристичката партија, убивајќи уште 69 лица, главно млади од имигрантско потекло. Сликите од застрашувачките, шокантни сцени и крвавиот пир го обиколија светот.






„Утоја требаше да нè научи да се откажеме од расизмот.“ Вака гласи насловот на деновиве објавениот дебатен напис од еден од преживеаните на терористичкиот напад на островот во близина на Осло. Но, наместо тоа, за жал, се зборува за зголемна радикализација.

Брејвик, во социјалната средина од која го составувал својот политички манифест, сметал дека западниот свет е изложен на окупација преку имиграција, особено од муслиманските земји. До израз доаѓаат тврди сфаќања дека луѓето со потекло од овие земји се групирани како носители на туѓа и фундаментално непроменлива култура. На тој начин, тие се сметаат за проблем, не поради она што го прават индивидуално, туку затоа што постојат.

Денес во повеќе европски земји се дискутира важноста на политиката што им става до знаење на луѓето дека не се добредојдени, а потоа ескалира со други, сè порепресивни мерки за „ремиграција“, за враќање на мигрантите. Особено агресивен презир е насочен кон оние кои се етикетирани како „предавници“, „политички коректните“, новинари, истражувачи или активисти кои инсистираат на грижа за фактите, за меѓународните конвенции и човековите права.

Во последните години во Европа екстремно десничарските движења повторно стануваат посилни, при што антисемитизмот и исламофобијата се во пораст преку дејствувањето на екстремистичките кругови кои шират идеи што придонесуваат теориите на заговор, дехуманизацијата и политичкото насилство да станат поприфатливи.

Расизмот во Европа покажува јасен тренд на пораст, што е потврдено од извештаите и од Советот на Европа и од Агенцијата на ЕУ за фундаментални права (ФРА). Развојот е поттикнат од политичка поларизација, економска несигурност и нормализација на ксенофобичната реторика. Злосторствата од омраза и расистичките изјави поврзани со етничко или национално потекло стануваат сè почести.

Според антирасистичкото тело на Советот на Европа, ЕКРИ, манифестирање на ксенофобија е нормализирано во јавниот дискурс. Речиси половина (45 проценти) од сите луѓе од африканско потекло во Европа пријавуваат дека се изложени на расизам. Ова е значително зголемување во споредба со претходните истражувања.

Германија, Австрија и Финска се меѓу земјите каде што искуството со расизам и дискриминација е во најголем пораст. Во Германија и Австрија, околу три од четири испитаници во студиите на ФРА велат дека биле погодени и укажуваат на негативни искуства во секојдневниот живот. На пример, над половина од испитаниците веруваат дека биле запрени од полицијата токму поради расно профилирање. Според истражувањата на германскиот Национален монитор за расизам, повеќе од половина (54%) од расно погодените лица се соочуваат со дискриминација барем еднаш месечно

Комитетот на ОН против расна дискриминацијапред извесно време остро ја критикуваше Шведска. Се забележува дека расизмот и злосторствата од омраза се зголемени и дека политичката реторика стана пополаризирана. И Шведскиот институт за човекови права изјави дека расизмот се зголемил и предупреди на расистички призвуци во политичкиот дискурс. Организации како што е Амнести интернешнл ги критикуваа владините мерки, какви што се воведените зони за запирање и претрес во гетоизирани имигрантски квартови и построгите правила за азил, кои во пракса го зголемуваат ризикот од јакнење на систематскиот расизам, колективното казнување и профилирањето врз основа на етничка припадност.

Во однос на имигрантите од Балканот во Западна Европа, се укажува дека тие се изложени на специфична форма на дискриминација, често наречена „културен расизам“, кој главно се заснова на предрасуди за потеклото, етничката припадност, презимето и религијата, отколку на бојата на кожата. Иако статистички поминуваат „подобро“ од видливите малцинства според физичкиот изглед, како луѓето со африканско или азиско потекло, балканските мигранти сепак се соочуваат со системски бариери.Според официјалните извештаи на Агенцијата на ЕУ за фундаментални права, околу 12 до 15 проценти од мигрантите од поранешна Југославија пријавуваат директно искуство со дискриминација во секојдневниот живот.

Професионалците од Балканот (инженери, економисти, медицински кадар) често со години чекаат за нострификација на дипломите и се принудени да работат на позиции под нивното образование, што ги турка во послабо платени сектори. Повеќе испитувања покажуваат дека во земји како Германија, Австрија и Швајцарија, во јавниот наратив сè уште опстојуваат застарени стереотипи кои мажите од Балканот ги поврзуваат со илегални активности, градежништво или физичка работа, а жените со чистење.

Континуирани предизвици ги поттикнаа институциите да ја насочат новата Стратегија на ЕУ против расизмот (2026–2030) кон справување со структурниот расизам во европските општества. Но, и покрај амбициозните цели, стратегијата е критикувана од организациите за човекови права. Меѓу другото, во контекстот на миграциската политика на ЕУ. Критичарите тврдат дека стратегијата занемарува како расното профилирање и структурниот расизам се репродуцираат на надворешните граници на ЕУ и во врска со процесите на депортација.

Деценија и пол по масакрот на Утоја, прашањето, се чини, е уште повеќе актуелно: колку е можно откажување од идеите што го поттикнуваат расизмот? Во врска со годишнината од терористичките напади во Норвешка во 2011 година, во Осло беше отворен нов Центар „22 јули“, во кој, меѓу другото, е изложена и полициската униформа што ја носеше Брејвик. Главната цел на изложувањето на лажната полициска униформа во новоотворениот центар е таа да служи како физички доказ и едукативно средство кое прикажува како терористот Брејвик ја искористил униформата како камуфлажа и активна алатка за да изврши масовно убиство.

Но, изложувањето на таков експонат беше доведено во прашање од мајката на најмладата, 14-годишна жртва на Утоја. Видно вознемирена таа го напуштила центарот без да ја погледне изложбата. Дали пораката што можеби се испраќа со експонирање на униформата и која директно ги оживува сеќавањата и траумите од масакрот, е, сепак, премногу силна? Посебно за семејствата на невините жртви на заслепениот расизам.

Ивица Челиковиќ

Поврзани содржини