ЛУКСУЗНИОТ РАЈ ОСТАНА ПРАЗЕН Дубаи нуди пари и попусти за посетители

Дубаи воведе финансиски стимулации за жителите кои ќе привлечат странски гости, откако регионалната криза предизвика пад на летови, празни хотели и намалени приходи.

0

Дубаи започна необична кампања за враќање на туристите – жителите на Обединетите Арапски Емирати можат да добијат бенефиции во вредност од околу 700 евра доколку привлечат пријатели или роднини од странство да го посетат градот.

Програмата „Покана за Дубаи“, која ја започна Министерството за економија и туризам, им овозможува на жителите да номинираат странски посетители, а за возврат добиваат пакет со погодности што вклучува хотелски престој, понуди за ресторани и билети за туристички атракции.






Според официјалната страница „Visit Dubai“, секој жител може да искористи најмногу три пакети за гости кои ќе пристигнат во Дубаи до 31 октомври, додека бенефициите можат да се користат до декември.

Услов е посетителите да не бидат жители на ОАЕ, да имаат важечка туристичка виза и секој гостин може да биде номиниран само еднаш.

Кампањата доаѓа во период кога туристичкиот сектор во Обединетите Арапски Емирати се соочува со сериозни проблеми поради нестабилноста во регионот.

Откако Блискиот Исток беше погоден од конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, многу туристи почнаа да ги избегнуваат патувањата кон регионот, а дел од авиокомпаниите ги намалија или прекинаа летовите кон Дубаи.

Во текот на конфликтот беа погодени и клучни точки за меѓународниот туризам. Иран изврши ракетни и дрон напади кои го погодија меѓународниот аеродром во Дубаи и познатиот хотел „Фермонт“, што дополнително влијаеше врз перцепцијата дека градот е целосно изолиран од регионалните кризи.

Иако во 2025 година Дубаи пречека речиси 20 милиони туристи и постави нов рекорд, последните месеци донесоа сериозен пад.

Според извештаите, бројот на авиокомпании кои оперираат од аеродромите во Дубаи значително се намалил, а хотелите пријавуваат голем број празни соби и пад на приходите.

Некои туристички компании и хотели бележат пад на заработката и до 50 отсто, додека дел од луксузните објекти ги одложуваат плановите или привремено се затвораат.

Меѓу нив е и еден од симболите на градот – хотелот „Бурџ Ал Араб“, кој ќе биде затворен 18 месеци поради големо реновирање.

Освен наградите за жителите, властите воведоа и дополнителни мерки за привлекување посетители, меѓу кои попусти до 45 отсто, бесплатни ноќевања и специјални туристички понуди.

Според локалните медиуми, само во првите 48 часа од стартот на програмата биле поднесени повеќе од 10.000 апликации.

Дубаи, кој со години се рекламираше како едно од најбезбедните и најлуксузни туристички места во светот, сега се обидува повторно да ја врати довербата кај патниците.

Поврзани содржини