ДНИ, несвесно однесување, некултура, резил…

Дали Македонија е уште видена како во времето на Балканските и Првата светска војна како топовско месо за различни пробисветски интереси? И зошто историјата, дури и нашата, го осудува таквиот однос на соседните земји кои за свои војни го регрутирале Македонецот како Србин, Бугарин или Грк, но денес го прифаќа тоа ако биде регрутиран како Американец, Французин, Белгиец…? Зарем гинењето е така полесно?

100

Насловот можеше да биде и „Што е политиката?“ и така ќе ги опфатеше и спомнатите поими, но сепак ќе беше преширок за овој миг и би наметнал очекувања што не може да ги исполни. Иако, кога имате онаков важен светски геополитички настан како самитот на нато (малите букви се…) во Анкара, тој ви нуди сосема доволен материјал. Но за неговото „значење“, „опфат“, „пораки“… повеќе ќе пишуваат локалниве „стручњаци“ и „аналитичари“ кои имаат директна ментална комуникација со Трамп, Руте, Макрон, Ердоган… и др.

Јас се држам до маргините, оние кои де факто ја отсликуваат реалната ситуација дури и во еден таков (сепак извикан!) воен сојуз. А таму ве чекаат многу поважни „слики“ и речити симптоми, токму оние од насловот: синдроми, несвесно однесување, некултура…






Првиот извонредно го потенцира претседателката Сиљановска-Давкова кога (се) прашува „како може исти државници, исти претседатели, исти премиери, на еден начин да се однесуваат во рамките на НАТО, да манифестираат разбирање, а кога се работи за Европската Унија, 20 години да нè држат во лавиринтот“. Нема друг одговор освен оној наречен синдром ДНИ (дисоцијативно нарушување на идентитетот) односно – поделена личност. Синдромот на поделена односно повеќекратна личност денес веќе не е така ретко ментално нарушување, а се карактеризира со тоа што личноста поседува најмалку два различни идентитети кои наизменично го контролираат нејзиното однесување. А само два различни идентитети се дури и добитна комбинација – може да ги има десетици! И тогаш не знаете кој е кој, со кого разговорате, кој што ви ветува… Токму како забелешката на претседателката за нато и еу.

Нема да навлегувам во причините за ова растројство, иако најчесто се наведуваат тешки трауми од раното детство, повторувано сексуално, емоционално или физичко насилство итн. Некој повешт од мене може кај секој од „натовциве“ да открие некоја од спомнатите. А тие впрочем и не се некаква голема тајна зашто они си ги објавуваат биографиите со голема гордост. Кога би биле свесни што сѐ тие откриваат…

Но, поентата е: зарем ние од таков тип луѓе очекуваме разбирање, совест, морал, политички одговорно однесување…? Дури и логично односно разумно одлучување, а тие самите не си знаат кога говори едниот, кога другиот или третиот во нив. Па така во секој миг можат да се „вадат“ дека во дадена ситуација ветувања давал нивниот двојник или тројник односно другата „личност“ во нив! И? Таквите пациенти нашиве локални „експерти“ ни ги даваат за пример и веруваат во нивниот збор? И сакаат да се дружат со нивното „семејство“?

Впрочем, и нашето „Црвенкапче“ деновиве во Анкара, во својство на заменик генерален секретар токму на НАТО, раскажува небулозни приказни дека „Европските сојузници и Канада испорачуваат историски резултати во инвестирањето во сопствената безбедност, со што се балансираат трансатлантските односи и се зајакнува НАТО Алијансата“ (sic!), „заборавајќи ја“ целосно сопствената земја и односот кон неа, што го посочува претседателката Сиљановска-Давкова. Или и кај „заменичката“ сега говори некој друг, некоја скриена „заменичка“? Или – волкот?

Во слична ситуација го гледаме и Радев, кој те е задрт националист, те е пријател на претседателката а со тоа и на Македонија, па потоа се појавува како типичен дрзок воен пилот од руската љубимаја школа и ги брка Американците од Бугарија или пак од него истрчува историскиот ментор на неукион Макрон… Колку ли Радевци има, по ѓаволите и со кого да преговараме? И кое е и какво е неговото „свесно политичко однесување“ коешто го бара оној Ташев кај Маѓар но не и кај својот президент? Зашто, очигледно е веќе дека токму Бугарија е актуелен европски шампион во несвесно политичко однесување коешто ја држи во заложништво целата еу! Но Маѓар им ги боцка очите бидејќи дава поддршка на Македонија.

Кога кон таа општа жална слика на синдромаши и несвесни политиканти – инаку званично први луѓе на сериозно големи и важни држави – ќе го придодадете (да простите) простакон Макрон кој глуми француски бонвиван и се обидува да бакне рака на муслиманката Емине Ердоган, сопруга на еден од столбовите на муслиманството во светот, сите нешта стануваат појасни? Поточно, ние од таа белосветска „државничка поликлиника“ очекуваме разбирање и помош?!

Или, како, на пример, тие исти дисоцијативци – или ајде да речеме „првиот“ во нив – очекуваат утре Македонци да гинат во некоја fucking нато-војна, но „вториот“ не му дозволува да седне на иста маса со него во ЕУ? Кои се тие стандарди, „семејни“ правила, „политики“…? Или Македонија е уште видена како во времето на Балканските и Првата светска војна како топовско месо за различни пробисветски интереси? И зошто историјата, дури и нашата, го осудува таквиот однос на соседните земји кои за свои војни го регрутирале Македонецот како Србин, Бугарин или Грк, но денес го прифаќа тоа ако биде регрутиран како Американец, Французин, Белгиец…? Зарем гинењето е така полесно?

Ние, за среќа, не се бламираме толку пред светот, но затоа тоа извонредно го надокнадуваме дома: после цели шест години оние шутраци во обвинителството (малите букви се соодветни на нивното реноме!) отвораат предистражна постапка за „Еуростандард банка“! После шест години!? Или се натпреварувале за некаков светски рекорд, или „Гинис“? Во некоја нормална држава власта веднаш би ги распуштила сите обвинителства, би ги испратила господата дома и веднаш би распишала конкурси за пополнување на испразнетите места. Зашто поголем резил за една држава која сака да се нарекува правна држава – нема, а и мотив за вистинска, темелна реформа во обвинителството.

Или можеби власта повторно се плаши од „експертине“ кои веднаш ќе скокнат во одбрана на „независноста“ на обвинителите? Па неписмени да беа, за тие шест години ќе научеа да читаат и пишуваат и ќе го срочеа обвинението! Од друга страна, ако власта може и ова мирно да го толерира, тогаш како од администрацијата и од граѓаните ќе бара стручност, знаење и ефикасност во службата?

Поврзани содржини